„Ние бевме Влада која што работеше во време на најголемата енергетска криза во Европа, во година на војна, прва војна од толку голем интензитет после втората Светска војна. Во првите шест месеци од мандатот се боревме и со корона кризата, потоа дојде војната во Украина, после енергетската криза, енормната инфлација во Европа. И затоа можам јас да бидам горд и на членовите на Владата кои што работеа во таа Влада и кои што сега се во техничката Влада“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

Тој додаде дека Владата успеа да ги зголеми платите и пензиите што беше значајно за одржување на економската состојба.

„Минималната плата е зголемена за 130 проценти во однос на она што беше во времето на ВМРО-ДПМНЕ, за 130 значи во 2016та минималната плата беше 8.000 денари, а сега минималната плата е 23.000 денари, потоа просечната палта е зголемена не на 500 евра како што беше според програмата на Владата туку на 630 евра“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека и невработеноста од 24 проценти е намалена на 12,8, додека странските директни инвестиции од 356 милиони евра во 2016 се зголемени на 735 милиони евра.