Општина Крива Паланка го објави јавниот повик за субвенции на млади момчиња и девојчиња од градот за набавка на велосипед.

– Поддршката на младите во различни области е еден од приоритетите на општината, а субвенциите веќе втора година по ред се модел кој носи олеснувања на семејниот буџет на повеќе млади, како за набавка на велосипед, така и за набавка на дигитални уреди, колички за новороденче и слично. Во тек е јавен повик за надомест на дел на трошоците на младите на подрачјето на општината за набавка на велосипед. Ги субвенционираме младите кои ќе купат велосипед во тековната 2024 година, со надомест во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари нето износ по лице, информираа денеска од Општина Крива Паланка.

Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“, а право на учество имаат сите млади на возраст од 15 до 29 години, жители на Крива Паланка, кои од први јануари 2024 купиле велосипед во Република Северна Македонија. Едно лице може да поднесе само едно барање, а документација се доставува во архивата.

Од општината посочуваат дека тековно ќе ја информираат јавноста за состојбата со искористеност на предвидените средства за субвенционирање и преостанатите достапни финансии за оваа намена, а навремено ќе се информира и за исцрпување на средствата.