Kако никогаш досега прашањето за проширување на ЕУ е актуелна тема во Унијата и на Северна Македонија се гледа како на идна членка на Европската Унија, порача синоќа во изјава за МИА вицепремиерот Бојан Маричиќ на крајот на неговата работна посета на Брисел.
Тој нагласи дека неговата посета во Брисел беше реализирана во специфичен период од годината, во пресрет на објавувањето на Извештајот за напредокот на земјите кандидати за членство во Унијата, најавено за 8 ноември, но и во време кога по сите настани и самити во текот на оваа година се очекува конечно да биде објавен Планот за раст на Западниот Балкан на Европската комисија.
– Тоа е еден план којшто ни овозможува имплементација на некои политики на ЕУ во нашите земји пред членството. Значи, тоа е еден вид на интеграција пред членство. Тоа е план којшто треба да ни овозможи повеќе шанси за нашите млади, за нашата бизнис заедница и план кој треба да ни овозможи повеќе шанси и за институциите и за граѓаните пред пристапувањето во ЕУ, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека со овој план ќе ни се пружи шанса и за добивање повеќе пари од европските фондови доколку спроведеме повеќе реформи.
– Имајќи го сето тоа предвид, можам само да кажам дека како никогаш досега прашањето на проширување на ЕУ е актуелно, како никогаш досега ќе ни се пружи шанса и за повеќе пари, според овој план за раст, доколку направиме повеќе реформи. Тоа е еден од главните принципи – повеќе пари за повеќе реформи. И како никогаш досега не гледаат како идна членка на ЕУ, потенцира Маричиќ.
Неговата посета на Брисел се реализираше и во време кога во завршна фаза влегува процесот на скрининг, кој ни даде слика што сме направиле и постигнале, но исто така и што треба да направиме, кои се нашите слабости и како нив да ги „преведеме“ во еден план за реформи за наредните седум години.
– Ние таа домашна задача ќе ја завршиме успешно. Очекуваме во првата недела на декември да заврши комплетниот скрининг, сите негови делови и понатаму ќе работиме само на извештаите за секој кластер, истакна Маричиќ.
Според него, завршувањето на скринингот е важно, но ако сакаме земјава да го задржи темпото со Албанија и со другите кандидати за членство, битно е да го завршиме процесот на уставните измени.
– Секој ден покасно, секое доцнење во врска со уставните измени, е ден загуба за Северна Македонија, ден загуба за нашите граѓани. Првпат имаме вистинска можност да разговараме за проширувањето на ЕУ до 2030 година. Сите најави одат во насока дека Европската комисија подготвува план со којшто ќе овозможи на оние држави коишто ќе бидат подготвени, коишто ќе ги направат неопходните реформи да влезат во Европската Унија во 2030 година. Наша заложба е ние да бидеме дел од тие држави, а тоа е можно само ако сите политички актери и сите пратеници ја преземат одговорноста на себе и ги донесат неопходните одлуки, потенцира Маричиќ.
Тој потврди дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен в понеделник ќе престојува во Скопје, како прва етапа од нејзината турнеја низ земјите од Западниот Балкан, што, според него, е добар сигнал.
– Секоја посета на високо ниво од овој калибар ја сметаме за добар сигнал за нашиот регион, истакна Маричиќ.
Целта на посетата на Маричиќ на Брисел беше учество на Форумот „Глобална порта“ организиран од Европската комисија, на кој се обрати на лидерската сесија за образование и истражување насловена „Посилни заедно преку одржливи инвестиции“, посочувајќи дека образованието и младите се столбови за развој на човечкиот капитал и ние како држава која започна преговори за пристап во ЕУ, нашиот фокус на образованието и истражувањето го усогласуваме со посветеноста на Унијата за инклузивен економски развој.
– Среде енергетски и воени кризи, мисијата на ЕУ и нејзините партнери е да се засили блиската соработка и заеднички да ги надминуваме предизвиците… Нашата посветеност на поврзувањето и соработката не придонесуваат само за нашите ЕУ интеграции, туку и за глобалната мрежа на исти вредности и цели за одржлив напредок. Тие кои соработуваат ќе се движат напред и ќе имаат позитивни резултати во секоја област. Трендот е јасен – инвестирањето во човечки капитал од најмала возраст го максимизира потенцијалот, заклучи Маричиќ во обраќањето на Форумот, на кој имаше и куса средба со новата еврокомесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади Илиана Иванова.
Покрај учеството на Форумот, вицепремиерот Маричиќ во Брисел се сретна и со еврокомесарите за проширување и за буџет и администрација, Оливер Вархеји и Јоханес Хан, со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман, како и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец и со главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Морду. Тој одржа и брифинг со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА) и работен состанок со в.д. директорката за Западен Балкан во ДГ НЕАР, Микела Матуела, а се обрати и на првиот ден од состанокот на билатералниот скрининг за Поглавје 13 – „Рибарство“.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, главни теми на средбата на вицепремиерот за европски прашања со еврокомесарот Вархеји беа актуелните политички настани во земјава, текот на скрининг процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година.
– Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес. Со новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата, наведе Маричиќ по средбата.
Тој потенцира дека членството на земјава во ЕУ е на дофат и треба да го искористиме позитивниот политички моментум, бидејќи ова е шанса која не знаеме кога и дали воопшто ќе ја имаме повторно.
По средбата со еврокомесарот Хан, Маричиќ порача дека ЕУ работи на паралелни реформи во институциите, буџетот и процесите за донесување одлуки, со цел до 2030 година да се создаде погодна средина за нејзино проширување.
– Со подготвеност до 2030 за нови држави членки, ЕУ го враќа кредибилитетот и за нас е движечка сила за успешни реформи и демократскиот напредок, оцени Маричиќ, посочувајќи дека земјава треба да го задржи континуитетот во спроведувањето на реформите кои ќе дадат суштински резултати за забрзување на пристапниот процес.
Хан, од своја страна, на средбата изрази охрабрување и поддршка за земјава да продолжи со тековниот преговарачки процес, најавувајќи дека следат позитивни промени и Планот на ЕУ за раст на државите од регионот.
Подготвеноста на ЕУ за унапредување на преговарачкиот процес со Северна Македонија и регионот во наредниот период, што ќе даде јасни и видливи резултати во приближувањето кон ЕУ, беше потврдена и на средбата на Маричиќ со директорот на ДГ НЕАР, Копман.
– ЕУ е подготвена да ги забрза преговорите, но реформите остануваат клучни за напредок кон полноправно членство. Важно е да знаеме дека имаме партнери кои ја сакаат Северна Македонија во ЕУ и кои веруваат дека сме подготвени за доброто на државата и граѓаните да го направиме следниот чекор кон ЕУ, истакна Маричиќ, нагласувајќи дека европскиот пат и реформската агенда мора да бидат пред се и пред сите политички интереси, заедно со посветеноста за воведување на европските стандарди и принципи во македонското општество.
Посветеност на земјата за доближување на вредностите и придобивките на ЕУ до македонските граѓаните, Маричиќ ја реафирмира и на брифингот со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА), на кој претставниците на членките на Унијата ја потврдија силната и недвосмислена поддршка која нивните држави ја даваат за нашето продолжување на преговорите и брз напредок во евроинтегративниот процес.
– Правиме заеднички напори за време на шпанското претседателство процесот да влезе во нова, напредна фаза и Северна Македонија да продолжи кон полноправно членство во ЕУ, порача Маричиќ по брифингот на кој посочи дека за успех во преговорите со ЕУ е потребен конструктивен дијалог и консензус од сите, изразувајќи очекување дека час поскоро секој еден политички актер ќе ја разбере важноста и итноста да останеме во пристапните преговори.
Работната посета во Брисел Маричиќ ја заврши со состанок со в.д. директорката за Западен Балкан во ДГ НЕАР, Матуела, со која разговараше за текот на подготовката на стратешките документи – Патокази, кои се наша обврска за отворање на Кластерот 1 – „Фундаментални вредности“ и посетата на Фон дер Лајен во Скопје.
– Европските партнери очекуваат да направиме клучен чекор кон унапредување на преговорите, усогласен со чекорот на останатите држави од регионот кон ЕУ. Заедно ги препознавме суштинските можности кои ги носи забрзаната интеграција и ја потврдуваме нашата посветеност дека 2030 е остварлива цел кога работиме во единство, порача Маричиќ.