Млада Американка е осомничена дека го убила своето новороденче, кое наводно рано утринава го фрлила од прозорец на хотел во Париз, објави „Ле Паризиен“.

18-годишната студентка од САД утринава околу 6 часот од прозорецот на својата соба на вториот кат во хотелот го фрлила бебето на кое се уште висела папочната врвца, објави порталот повикувајќи се на полициски извори.

Се се случило пред очевидци кои веднаш повикале брза помош. Детето било пренесено во болница во критична состојба, но починало, потврдиле за „Ле Паризиен“ од париското обвинителство.

На местото на настанот излегле судија од Јавното обвинителство на Париз и полициски службеници од Бригадата за заштита на малолетници, соопштил полициски извор. Отворена е истрага за „убиство на малолетник кој не наполнил 15 години“, потврдиле од париското обвинителство, според медиумот.

Мајката е „дел од група млади луѓе кои патуваат низ Европа“, соопшти обвинителството, додавајќи дека младата жена била пренесена во болница каде што ќе и биде извршена операција по породувањето.

„Paris Match“ пишува дека мајката патувала со група студенти.

„И таа е приведена на лице место. Се разгледува можноста за негирање на бременоста“, соопштија од париското обвинителство со кое контактираше „Ле Паризиен“.