Делта сојот на коронавирус брзо се шири и кај децата. Во Детската болница „Козле“ во моментов се хоспитализирани 18 деца. Најмладиот пациент е двомесечно бебе. Неговата здравствена состојба е стабилна, но неговата мајка е во тешка состојба. Лекарот Драган Дацевски вели дека бројот на хоспитализирани деца во ковид-центарот во Козле, бележи значителен пораст. Само вчера биле примени 8 деца.
Лекарите велат дека овој сој од агресивниот вирус не ги штеди ниту децата. Официјалните бројки во нашата земја велат дека во вториот бран, бројот на заразени деца е значително зголемен. Според Дацевски, децата најчесто се заразуваат од нивните родители. Поради тоа, апелира родителите да внимаваат и да ги почитуваат рестриктивните мерки.
Во оваа болница има уште 15 слободни легла, а максималниот капацитет е од 35 до 40 кревети. Според Извештајот на Институтот за јавно здравје во период од 26-ти јули до 1-ви август кај дијагностицираните на возраст од 0 до 9 години, или 2,5% во споредба со другите недели, има драстично зголемување кај овие возрасни групи. Инаку, во тек е и вакцинацијата на децата од 12 до 18 години. Досега вакцината „Фајзер“ ја примиле над 4.000 деца.