Потврден е идентитетот на тројца од четворицата убиени терористи кои учествуваа во нападот на косовската државна полиција пред два дена, при што беше убиен и еден полицаец.
Според косовските медиуми, станува збор за Игор Миленковиќ, Бојан Мијаиловиќ и Стефан Недељковиќ, сите тројца од Звечан, додека идентитетот на четвртиот терорист засега не е познат.
Миленковиќ (50) е татко на две деца, а работел како возач на брза помош во Клиничко-болничкиот центар на Косовска Митровица, засега не се познати информациите за тоа што правеле Мијаиловиќ и Недељковиќ (31).
Претходно беше соопштено дека во манастирот окупиран од терористите, при претресот по завршувањето на акцијата на косовската полиција, биле пронајдени документи на Милан Радоичиќ, познат криминалец од американската црна листа.
Да потсетиме, во нападот на Србите врз косовската полиција што се случи пред два дена на северот на оваа земја, загина еден косовски полицаец, додека други двајца беа ранети.