Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска порачаа дека лидерот на партијата Али Ахмети со екс премиерите Никола Груевски и Зоран Заев се среќавал на посебни средби за процесот на помирување за време на Пржинските преговори и никогаш не се разговарало за Кривичниот законик од едноставен факт што тогаш немаше ниту Специјално јавно обвинителство (СЈО), ниту обвиненија, пренесува ТВ21.
„Единствените разговори за Кривичниот законик се водени со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на лидерски средби во Клубот на пратеници, по негова иницијатива и барање откако стана претседател на партијата“, порачуваат од ДУИ.
Во врска со наводите за споменатите информации како „УСБ“ и „плико со документи“ што наводно биле дадени на претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерот Али Ахмети, од ДУИ велат дека немаат примено такво нешто.
„Ахмети и Џафери немаат примено никакво плико и никакво УСБ. ДУИ не е дел од било какви интригантни сценарија или заговори и нема двојна агенда. Нашата агенда е транспарентна, а тоа е Европска Македонија“, додаваат од ДУИ.