17-годишен малолетник е осомничен за обид за убиство на својот татко во семејниот дом на улицата Христијан Тодоровски Карпош во Скопје, соопшти Јавното обвинителство.
Според обвинителството, момчето за време на семејна расправија влегло во спалната соба каде се наоѓал неговиот татко и со остар предмет му нанело десет убодни рани во пределот на телото. На местото на настанот била и мајката, која успеала да го оттурне синот и веднаш повикала брза помош.
Повредениот маж бил пренесен на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што му е извршен оперативен зафат, но неговата состојба е и натаму животозагрозувачка.
„Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка пред надлежен судија за деца против малолетникот за кривично дело – убиство во обид, по член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик. Со оглед на сериозноста на делото, предложено е определување мерка притвор“, стои во официјалното соопштение од обвинителството.
Текстот 17-годишно момче со десет убоди сакало да го убие својот татко, тој е во критична состојба е превземен од МАКФАКС.