Шеснаесетгодишно момче се бори за живот откако завчера беше застрелано во Шефилд, а полицијата уапси 15-годишник под сомнение за заговор за убиство. Пукањето се случило нешто пред 17:20 часот на прометната улица Лондон роуд, во време на најголема гужва во центарот на градот, пишува „Скај њуз“.

Жртвата итно била пренесена во болница, каде што и понатаму е во животна опасност. Полицијата на Саут Јоркшир потврди дека 15-годишникот е приведен додека детективите работат на утврдување на околностите што довеле до нападот.

„За злосторства со оружје и насилство нема место во Саут Јоркшир, а фактот дека младиот човек се бори за живот е ужасен и нема да се толерира“, порача надзорникот на Шефилд, Мартин Симкок.

Тој изјави дека полициските службеници и форензичките тимови на терен собирале докази, но додаде дека истрагата и понатаму се потпира на помош од јавноста.

„Ве повикувам да се јавите. Без разлика колку вашата информација е мала, токму таа може да биде делот што ни недостасува. Тинејџерот и неговото семејство заслужуваат одговори, а ние сме посветени да ги добијат“, додаде Симкок.

Главната инспекторка Ема Најт, повисока истражителка на случајот, изјави дека станува збор за „ужасен инцидент“. „Сакам да ги уверам жителите дека посветен тим службеници и персонал неуморно работи на разбирање на околностите што довеле до овој напад и на пронаоѓање на одговорните“, рече таа.

Текстот 15-годишник уапсен во Британија за обидот за убиство на 16-годишно момче кое се бори за живот е превземен од МАКФАКС.