Пишува: Љубиша АРСИЌ
Жителите на Северна Македонија, Албанија и Србија започнуваат да ги уживаат слободите на ЕУ – 10-тина милиони граѓани и 350 илјади компании од регионот може слободно да тргуваат и да се движат прекугранично.
Слободното движење на луѓе, стоки, капитал и услуги меѓу земјите основачки на Отворен Балкан во основа значи раздвижување на економиите и миграција на работниците во Северна Македонија, Албанија и Србија со крајна цел раст на вкупната економија, но и најважното и раст на платите и на животниот стандард за граѓаните.
Првите преземени чекори и олеснувања се во насока на градење заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања. На Минхенската конференција деновиве, премиерот Димитар Ковачевски се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ за уште еднаш да ја потврдат соработката. Тие зборувале и за договорите со кои се овозможува лесен проток на работна сила помеѓу државите.
Во текот на неделата, Собранието на Република Северна Македонија ги ратификуваше Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан со што се овозможува на граѓаните од трите земји да работат во која било држава без посебни работни дозволи, без какви било ограничувања, без аплицирање и без административни трошоци. Идејата е да се поттикнат работници да се вработат според своите квалификации и вештини и така да придонесат во развојот на регионот, но и да си го олеснат сопствениот живот.
Трите одделни пазари сега се еден поврзан
Со економското поврзување на државите практично трите пазари стануваат еден пазар, што би гарантирало нови инвестиции, поголема дистрибуција на средства, отворање нови работни места и зајакнување на пазарот на труд.
„Станува збор за огромна помош и огромно олеснување за фирмите кои имаат свои претставништва во нашите три држави. Полесно да отвораат нови работни места, офлајн и онлајн и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа. Станува збор за регионална конкурентност на пазарот на трудот која со сигурност ќе придонесе кон покачување на платите“ изјави националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи Марјан Забрчанец за „Рацин.мк“.
Освен слободата за движење на луѓе и работници, Отворен Балкан придонесува и за олеснување на транспорот на стоки. Движењето на земјоделските и прехранбените производи меѓу трите држави оди значително побрзо откако на граничните премини Табановце и Ќафасан се воведоа посебни зелени ленти за камиони преку кои контролните механизми се спроведуваат многу побрзо бидејќи пунктовите сега функционираат 24 часа, со тоа што постапките се се меѓусебно признаени и усогласени нема веќе потреба од тројни контроли во три држави.
Првите резултати од оваа зголемена соработка се веќе видливи со растот на трговската размена меѓу земјите. Таа е на ниво какво што не била никогаш претходно. Србија беше и уште повеќе се развива во значаен надворешно-трговски партнер на Северна Македонија. Како што објави „Рацин.мк“, извозот од земјава кон Србија во 2022 година бил над 385 милиони евра што е раст од 32 отсто во однос на 2021 и раст од дури 53 отсто во однос на 2019 година. Освен извозот, расте и увозот од Србија. Во 2022 сме увеле 755 милиони евра, што е раст од околу 14 отсто во однос на 2021 година и раст од 19 отсто во однос на 2019 година. Албанија се уште не е меѓу поголемите наши трговски партнери, но има тенденција да стане. Во 2022 година извозот од Северна Македонија кон Албанија изнесувал над 102 милиони евра, што е раст од 7 отсто во однос на 2021 година и раст од 40 отсто во однос на 2019 година.
Економската поврзаност несомнено влијае и врз политичките релации на државите, особено значајни во овој регион, за придонес кон стабилноста и безбедноста. Затоа и изминативе години, кога светот го тресе енергетско- економска криза, трите држави си помагаат при снабдувањето со храна, струја и енергетски ресурси.
Отворените врати даваат резултати, Црна Гора блиску до одлука за пристапување
Трите држави активни членки и основачки на Отворен Балкан, Северна Македонија, Албанија и Србија, ја водат и развиваат иницијативата со политика на отворени врати за останатите земји од Западен Балкан како Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, но и за другите земји од регионот – членки на ЕУ за поврзување кон заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања и без граници.
Иако во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово скептицизмот во однос на иницијативата е сѐ уште многу голем, се препозанаваат и други тонови.
При неодамнешната средба на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора и Северна Македонија, Владимир Јоковиќ и Љупчо Николовски, беше истакнато дека на Отворен Балкан треба да се гледа многу повеќе од економски аспект, а Јоковиќ, кој истовремено е и заменик претседател во Владата во Подгорица репе дека тој е голем поддржувач за приклучување кон иницијатовата и дека од тоа најголема корист ќе има земјоделскиот сектор, односно деловната заедница.
Тој нагласи дека доколку денес разговарал со претставниците на Србија или Албанија, критичарите ќе рекле дека тоа е големосрпска или големоалбанска приказна, но како аргумент дека тоа не е така истакна дека преку примерот на Северна Македонија Отворен Балкан докажува дека е чисто економска приказна.
Јоковиќ го оцени како неоснован стравот дека евентуалниот влез во Отворен Балкан ќе ја уништи економијата на Црна Гора и како најдобар пример уште еднаш ја посочи Северна Македонија која во изминатите три годни постојано бележи раст во трговската размена со Албанија и Србија.
Она што е значајно е дека оваа иницијатива изворно тргна од земјите од Западен Балканот, а досегашните достигнувања направија Отворен Балкан да добие и широка меѓународна поддршка и од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави.
Превземено од Рацин.мк