Во петокот, на 26 септември 2025 година, во 18:15 часот на регионалниот пат Ресен–Охрид, кај селото Косел, полициски службеници од СВР Охрид лишија од слобода 14-годишник од Гостивар.
Тој бил затекнат како управува патничко возило марка „БМВ“ со гостиварски регистарски ознаки, сопственост на 66-годишен жител на селото Форино, за кое постојат сомневања дека претходно противправно го одзел од сопственикот.
Откако полициските службеници го забележале автомобилот, веднаш го запреле и го исклучиле од сообраќај. Со малолетникот бил извршен службен разговор во присуство на претставник од Центарот за социјални работи – Охрид, а потоа бил спроведен во Одделението за внатрешни работи Гостивар.
Возилото е вратено на сопственикот, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, информира МВР.