Борбата против корупцијата ќе остане приоритет за Вашингтон и ќе покрене неколку прашања за време на посетата на советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, следната недела, порача денеска амбасадорката на Соединетите Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На денешната заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, Агелер посочи дека ова ќе биде многу интензивна година за Македонија, додавајќи дека советникот Шоле со неговата посета ќе ги потврди заложбите и поддршката на САД за Северна Македонија.
„Со Шоле ќе се дискутираат заедничките приоритети, а борба со корупцијата ќе остане приоритетот за Вашингтон и ќе покрене неколку прашања за време на неговата посета оваа недела. Оваа, 2023 ќе биде една многу интензивна година за вас, а тој ќе ги потврди заложбите и подршката на САД на секој можен начин“, рече Агелер во одговор на новинарско прашање.
Во однос на прашањето дали разговарал за резултатите од истражувањето на американскиот тим кој пристигна во Скопје да истражува корупција кај поранешни, но и кај актуелни функционери, министерот Османи рече дека рамката, која што ги дефинира односите помеѓу САД и Северна Македонија е стратешкиот дијалог и акцискиот план кој, како што рече, треба да биде усвоен од Владата во наредните денови.
Османи вели дека еден од инструментите на САД, во договорена рамка со Скопје, во борбата против корупцијата, ќе биде проширувањето на црната листа за санкционирање.
„Стратешки дијалог со САД е рамка за заедничка соработка и во делот на борбата со корупцијата, тоа е договорена платформа и секоја нивна поддршка е добредојдена. На нив е да видиме како ќе ја дадат таа поддршка. До сега беше со експертска обука и најава има сега за листа на санцкии и тоа е во рамки на договорена соработка и во интерес на правото на Северна Македонија“, изјави шефот на македонската дипломатија.























