Со своето работење, Агенцијата за храна и ветеринарство има за цел да обезбеди постојана грижа за заштита на здравјето на луѓето од болести кои се пренесуваат преку храната, заштита на потрошувачите од заблуда и нивно отворено, чесно и навремено информирање за можни опасности од храната, заштита на здравјето на животните и нивната благосостојба, како и заштита на животната средина од загадување со отпад од животинско потекло, преку контрола на спроведување на прописи усогласени со стандардите на ЕУ како и меѓународните стандарди ратификувани од Република Северна Македонија. За предизвиците со кои се соочува АХВ, за безбедноста на производите што ги консумираме, за африканската свинска чума и за очекувањата во 2023 година, разговаравме со првиот човек на Агенцијата, Николче Бабовски.
Агротим: Кои активности во 2022 година ја обележаа работата на Агенцијата за храна и ветеринарство? Како ја оценувате годината?
Николче Бабовски: Како институција која има голем број надлежности и широко поле на делување и 2022 беше исклучително турбулентна. Со многу обврски и предизвици на кои гледајќи од оваа перспектива денес успешно одговоривме. Почнувајќи уште во првите денови 2022 година да се справуваме со болеста африканска чума кај свињите со која соседните земји, регионот и Европа сериозно беа погодени во изминатите години, а нашата земја успешно се справуваше со ризикот таа да се појави и кај нас. Се до првите денови на јануари кога за жал, таа стана и наша реалност се досега.
Позитивната оценка на ЕУ за напредокот во Поглавјето 12 чиј носител е нашата институција и во 2022 година ни даде силен сигнал дека сме на вистинскиот пат и во трасирањето на политиките и во спроведувањето на активностите кои се дел од нашиот делокруг на работење и се однесуваат на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните. Неколкукратните позитивни оценки за работењето кои АХВ ги добива од ЕК, за мене како прв човек на институцијата со која раководам, но и за вработените во Агенцијата, е голем потстрек во иднина уште повеќе да ги засилиме институционалните капацитети и да ги насочиме активностите остварување на уште поголеми предизвици кои ќе значат поголема безбедност на храната и здрави животни.
Иницијативата Отворен Балкан во чие креирање и ставање во функција на алатките кои значат непречен проток на стоки и услуги, а пред се унапредување на економиите, како институција за нас претставуваше голем предизвик на кој максимално му се посветивме. Сега оваа иницијатива е реалност и од неа веќе се гледаат бенефитите за земјите кои се приклучија кон неа, на што сме многу горди.
Како одговорна институција и 2022 година активно работевме на полето на унапредување и продлабочување на соработката со реномираните европски и светски институции од областа на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните како што се Европската агенција за безбедност на храната ЕФСА, Светската организација за здравствена заштита на животните, Организацијата на обединетите нации, ФАО; и други. Препознаени сме како институција со големи вредности, не само во регионот туку и во Европски рамки на што сум исклучително горд. Затоа, во клучни периоди и моменти за Агенцијата, за клучни предизвици, како што е во моментов справувањето со болеста африканска чума кај свињите, Агенцијата за храна и ветеринарство доби и финансиска и експертска поддршка од ЕК и од реномираните европски и светски организации.
Секако посветени бевме и на активностите кои значат соработка и вмрежување со сродните институции од регионот, бидејќи ниту безбедноста на храната, ниту здравјето на животните и нивната благосостојба не треба да ги гледаме изолирано, туку кон нив да се однесуваме како на прашања за кои соработката во справувањето со предизвиците кои тие ги носат исклучиво зависат и се поврзани со сите релевантни чинители – во соседните земји и во регионот.
Годината ја одбележа и работата на инспекциските служби, повлекувањето на небезбедни производи од пазарот за што потрошувачите беа редовно информирани, одржаните едукации за потрошувачите и операторите со храна…
Агротим: Каква е состојбата со свинската чума во нашава земја? Кои подрачја се најзагрозени? Што презема АХВ за справување со Африканската свинска чума?
Николче Бабовски: Состојбата со болеста засега е стабилна. Активни случаи кај питомата популација свињи, по последниот случај во Кумановско, на целата територија на држава засега нема.
По последниот случај во Кумановско, сега на терен се преземаат мерките дефинирани во донесените решенија за преземање на контролни и заштитни мерки во зоните од 3 км околу потврдените жаришта и зоната под надзор од 10 километри. Кога зборуваме кои подрачја се најзагрозени, односно за кои постои најголем ризик болеста да се прошири, ќе речам опасноста демне насекаде. Затоа неминовно е сите да сме претпазливи, бидејќи станува збор за болест за која нема лек, која екстремно брзо се шири доколку навреме не се преземат мерки за заштита и која нанесува огромни економски штети.
Оттаму неминовно е да се почитуваат биосигурносните мерки на фармите, односно тие да бидат подигнати на највисоко можно ниво, а во регионите каде што беше потврдено присуството на болеста, да се почитуваат донесените контролни и заштитни мерки и препораките на ветеринарните власти.
Африканската свинска чума не е зооноза – болест која е опасна за луѓето, но, е високо заразна за домашните и дивите свињи кои се сметаат за главен резервоар на болеста. Луѓето можат да бидат преносители на болеста. Неопходна е крајна внимателност од страна на одгледувачите на свињи и имплементирање на високи биосигурносни мерки на фармите со цел да се спречи внесување и ширење на вирусот на фармите. Препораките за биосигурноси мерки важат и за ловџиите кои исто така можат да бидат преносители на вирусот на фармите.
Во моментов, Агенцијата за храна и ветеринарство врши административна и теренска проверка на поднесените барања за обесштетување на одгледувачите, чии свињи согласно донесените решенија за контролни и заштитни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите беа депопулирани. Во моментот се спроведува обработка на предметите за надомест. По спроведување на сите проверки, ќе почне исплатата.
Ветеринарните друштва се активно вклучени на терен и ги спроведуваат активностите за попис на одгледувалиштата, идентификацијата на животните, еутаназија заедно со официјалните ветеринари и земање на мостри за лабораториско испитување.
Агротим: Дали може да ни објасните кога и каде се врши депопулација и кои други мерки се преземаат при појава на Африканска свонска чума во одредена област?
Бабовски: Согласно Законот за ветеринарно здравство и Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на африканската чума кај свињите, во случај на потврда на болеста една од контролните мерки се врши убивање на свињите и нивно нештетно отстранување под надзор на официјален ветеринар. Депопуацијата се врши на начин со кој се избегнува ризикот од ширење на вирусот на африканска чума кај свињите. Станува збор за мерки кои не ги измисли Агенцијата, туку кои се спроведуваат секаде во светот. Нивна единствена цел е спречување на ширење на вирусот и негово ставање под контрола, со цел спас на цела сточарска гранка која кај нас во изминативе години е во вистински подем.
Апелирам до сточарите, до одгледувачите на свињи максимално посветено да се придржуваат до препораките, да ги слушаат и почитуваат препораките и да ги спроведуваат мерките за заштита и спречување на ширење на вирусот. Молам одгледувачите на свињи да соработуваат со ветеринарните власти и друштва кои ги спроведуваат мерките на терен, со цел правилно да се избориме со болеста која, ако не ги почитуваме мерките се заканува и може да ја уништи целата гранка.
Со донесените решенија за спроведување на контролни и заштитни мерки дефинирани се зоните (контролна и зона под надзор). Свињите од заштитните зони (3 километри) се убиваат и нештетно се отстрануваат. Ова се однесува на фармите со висок ризик односно за оние одгледувалишта кои немаат имплементирано високи биосигурносни мерки. Одгледувалиштата кои имаат имплементирано високи биосигурносни мерки имаат можност свињите економски да ги искористат со колење во кланица со која АХВ има склучено договор.
Свињите од одгледувалиштата од зоната под надзор (10 км) се откупуваат од страна на кланиците со кои АХВ има склучено договори. Месото од закланите животни кланиците имаат обврска да го предадат на преработувачките капацитети за термичка обработка. И од зоните под надзор во радиус од 10 километри околу жариштата, каде согласно донесените решенија се спроведуваат мерки за депопулација, свињи можат да се колат и за домашни потреби, но исклучиво под надзор на официјален ветеринар и со задолжително лабораториско тестирање на месото.
За одземените и убиените животни на одгледувачите Агенцијата за храна и ветеринарство им исплаќа паричен надомест за различните категории животни согласно Упатството за определување на пазарната вредност на животните кои се одземаат заради искоренување на заразни болести на територијата на Република Северна Македонија.
Агротим: Пред извесно време од македонскиот пазар беше повлечен српски јогурт поради присуство на афлатоксини, а претходно и 20 тони трајно млеко од Босна и Херцеговина. Дали се безбедни млечните и останатите производи, односно дали граѓаните можат да бидат сигурни во тоа што го консумираат?
Бабовски: Нема 100% безбедност. Инциденти поврзани со храната, од помал или од поголем обем се секогаш можни. Согласно HACPP плановите и самите производители на млеко и млечни производи вршат лабораториски тестирања. Дополнително производите, вклучително и млечните од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство се предмет на контрола во рамки на редовните, вонредните контроли, кога се постапува по претставки и во рамки на контролите по мониторинг програмите за безбедност на храната.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат задолжителна контрола и на секоја увозна пратка на граничните премини. Контроли се прават и при истовар на увезените пратки. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и преглед на идентитетот и физички преглед на пратките.
Во рамки на мониторинг програми и при сомнеж, од пратките со храна, вклучително и со млеко и млечни производи кои се увезуваат се земаат и мостри за анализа. За истите не се дозволува увоз, тие се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна по што производите може да се стават во промет.
Во случај на позитивни резултати од лабораториските анализи, пратката се враќа во земјата на потекло или нештетно се уништува во присуство на инспектор.
За секоја пратка за која е добиен неусогласен резултат согласно прописите, инспекциските служби вршат лабораториски анализи на десетте последователни од истиот производител.
Агротим: Во Србија дозволените вредности на афлатоксини се разликуваат со вредностите од ЕУ. Дали кај нас тие вредности се усогласени со европската регулатива?
Бабовски: Кај нас се усогласени, 0,05 милиграми на килограм. Кај нив е 0,25, меѓутоа, јас нема да кажам дека некоја држава сама си го труе своето население, ама ние сме една од институциите во РСМ која во најголем дел го имаме тренспонирано европското законодавство. Така, врз база на таа европска легислатива, таков производ на нашиот пазар, со толкав процент на афлатоксин, не може да помине. А тоа не значи дека во другите држави тие повисоки вредности се штетни по здравјето на луѓето. Еве во конкретниот случај, треба да се консумираат големи количини во краток временски период па да дојде до одредени штетни последици по здравјето. Сепак, она што беше открено, вратено е назад и од тие производители, наредните десет пратки што се увезуваат во нашата држава, се задолжително под надзор, односно се врши контрола, мострирање и испитување за да се докаже дека тоа била моментална грешка во процесот на производство.
Агротим: Што планирате за следната 2023 година на поле соработка со земјоделците и со земјоделскиот сектор?
Бабовски: Дефинирани се приоритетите на Агенцијата за храна и ветеринарство за 2023 година во Годишниот план за работа. Зајакнување на воспоставениот функционален систем за контрола на безбедност и квалитетот на храната наменета за исхрана на луѓе и храната за животни и ветеринарното јавно здраство и понатамошно усогласување на политиките на ЕУ од областа на безбедноста на храната и ветеринарното јавно здравство се дел од приоритетите на кои ќе се насочат активностите во 2023 година. Заштита на интересите на потрошувачите, согласно одредбите од Законот за безбедност на храната и Законот за заштита на потрошувачи, воспоставување и градење на стратешка координација со научните институции како независен извор на научни совети и поддршка на научните активности на системот за безбедност на храната се дел од областите каде исто така ќе се стави акцент за 2023 година.
Во 2023 дел од активностите Агенцијата ќе ги насочи кон одржување и унапредување на животната средина и природата од аспект на ветеринарното здравство (примена на принципите, методите и технологиите за управување со нуспроизводи од животинско потекло), унапредување на системот на контрола и употребата на ветеринарно медицински препарати заради висок степен на заштита на здравјето на животните и луѓето.
Во однос на унапредување на здравствена заштита и благосостојбата на животните акцент ќе се стави во обезбедување на висок степен на здравствена заштита на животните од заразни и други болести што подразбира следење и спречување на појава на нови болести во земјата кај животните и зоонозите кај луѓето, соодветна контрола и надзор на болестите кои се присутни во земјава со постепено намалување на преваленцијата до постигнување на статус на земјата или одредени региони како официјално слободни од болести кај животните, заштита на јавното здравје од болестите кои потекнуваат или се поврзани со животните (зоонози, вектор преносливи болести и алиментарни инфекции и интоксикации). Ќе се води сметка и за oдржување на системот на контрола, надзор и спремност за сузбивање и искоренување на особено опасни заразни болести, на воспоставување и одржување на систем на благосостојба и заштита на животните при нивното одгледување во фармски услови, во текот на нивниот превоз, за време на нивно колење, благосостојба на бездомни животни, животните во зоолошките градини и експерименталните животни. И сегашните активности кои ќе ги продолжиме и во 2023 година ќе бидат насочени кон обезбедување на извоз на свежо свинско месо, добивање на статус на земја слободна од болеста чвореста кожа, добивање на статус на земја со незначителен ризик во однос на кравјо лудило. За да ги оствариме сите планирани активности, во 2023 година ќе ги зајакнеме институционалните капацитети на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Превземено од Агротим.мк