Најголем рејтинг меѓу граѓаните, според анкетата на ИРИ, нема ниту еден актуелен лидер на политичките партии во земјава, туку на врвот на листата е поранешниот премиер Груевски. Едно од објаснувањата е дека тоа се должи на безнадежноста и очајот на граѓаните од состојбата во државата, пишува Радио Слободна Европа.

Веќе четири години не е во земјава и исто толку време не е во политиката, но поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски има највисок рејтинг меѓу граѓаните, според последната анкета на Меѓународниот републикански институт – ИРИ. И покрај тоа што во ноември 2018 година избега во Будимпешта, откако беше осуден на две годишна затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес и во меѓувреме доби и други пресуди, на прашањето на ИРИ – Кога размислувате за луѓето во политичкиот живот, на која личност во Северна Македонија гледате најповолно, 7 отсто од испитаниците одговориле – Груевски, пишува РСЕ.