Сите потреби на домаќинствата и малите потрошувачи се целосно задоволени од домашното производство на електрична енергија од ЕСМ, а производството на електрична енергија за периодот од јануари до ноември оваа година во споредба со истиот период лани е зголемено.

-Мерките на Владата за обезбедување на поевтина струја по фиксна цена за прехрамбената индустрија, јавно комуналните претпријатија и средни и основни училишта, во декември се реализираат и веќе над 500 субјекти коишто се пријавиле да користат електрична енергија по субвенционирана цена. Упатувам апел до сите останати субјекти, кои ги исполнуваат условите и се наоѓаат во таргетираните сектори да се пријават и од 1 јануари да користат поевтина струја по фиксна цена. Сите треба да бидеме одговорни и рационално да ги користиме ресурсите во време на криза, изјави во петокот соработникот за енергетика на премиерот, Виктор Андонов на прес-конференцијата.

Сепак, иако мерката се бараше од најголемиот дел од општините и коморите, досега 165 училишта, 19 јавни претпријатија и 800 фирми не сакаат субвенционирана струја. Дел од нив како причина ја наведуваат сложената бирократска процедура или поповолните услови што им ги даваат досегашните оператори со кои имале договор.

-Ниту едно средно и основно училиште од Тетово не аплицирало за поевтина цена на струјата преку ЕСМ Нашите училишта ќе продолжат да се снабдуваат со струја од слободниот пазар, односно од „Енерџи Груп“, компанија со која досега склучувавме договори, велат од Општина Теетово.

Според нив,  Енерџи Груп“  им дала попуст, а цената која треба да ја платат на компанијата како што тврдат, не се разликува многу од субвенционирата струја која се нуди преку ЕСМ, а за која има многу процедури кои треба да ги поминат.

Токму обемните тендерски постапки и претходно спроведување на ребаланс на буџетoт-што  и во идеални  услови за реализација би биле потребни најмалку три до четири месеци е причина поради која општините не се пријавиле за субвенционирана струја, велат од ЗЕЛС.

Управниот одбор на ЗЕЛС пред неколку дена донел заклучок сите општини кои добиле допис од ЕВН во кој се бара потрошувачите кои до 1 јануари 2022 година не биле мали потрошувачи, а потоа со реализирана промена на корисник се стекнале со таков статус, најдоцна  до 1 јануари 2023 година да почнат да се снабдуваат со снабдувач со електрична енергија на либерален пазар, да поднесат приговор до оваа компанија.

-Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС посочија дека општините во оваа енергетска криза се доведуваат до работ на егзистенцијата и дека средствата наместо за проекти и подобрување на услугите за граѓаните треба да ги трошат за плаќање на огромни суми  за електрична енергија. Исто така, беше посочено  дека општините и доколку би сакале да ја реализираат оваа мерка би се соочиле со обемни тендерски постапки и претходно спроведување на ребаланс на буџетoт е што  и во идеални  услови  за  реализација би биле потребни најмалку три до четири месеци, се вели во соопштението од ЗЕЛС. По обемната дискусија Управниот одбор донесе заклучок сите општини кои добија ваков допис од ЕВН треба да поднесат приговор до оваа институција, рекоа минатата недела од ЗЕЛС.

Од ЗЕЛС потсетуваат дека како заедница во името на сите општини, на 11 ноември 2022 година доставила иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за преземање на мерки во услови на постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, што Владата на РСМ ја донесе на 30 октомври, 2022 година. Истовремено, додаваат, ЗЕЛС достави и барање до Управниот суд, за донесување на времена мерка, со која ќе се бара одложување на  извршувањето на Одлуката.  Но досега не е стигнат никаков одговор од овие институции.

Но сите не мислат така, па за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември се пријавиле 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474-те на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те.

Во општина Прилеп оваа одлука беше одлично прифатени бидејќи, како што вели Ахил Јаков, директор на основното училиште Климент Охридски сметките за струја ќе се намалат за 30 до 50 отсто.

Со пофални зборови е и директорот на јавното претпријатие ,,Водовод и канализација Прилеп, Илија Гулабоски кој беше назначен на оваа функција одма по минатогодишните локални избори од страна на градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ.