Приватните автобуски превозници денеска од шест часот наутро повторно поставија блокади на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и Булеварот Илинден околу локацијата на градското Собрание.
Тие велат дека овој пат нема да ги тргнат блокадите се до исполнување на нивните барања.
Приватните автобуски превозници преку социјалните мрежи упатија извинување до граѓаните на Скопје за попреченото движење низ градот:
– Слобода Превоз во име на сите приватни превозници се извинува до сите граѓани на Скопје кои денеска и се до решавање на проблемот ќе бидат попречени во нивното движење низ градот. Приватните превозници бараат подршка од сите граѓани се со цел побргу да се изнајде решение на проблемот, се вели во пораката објавена на Фејсбук страницата на Слобода превоз.
Откако не беше постигнат договор со градските власти за подмирување на долгот што Град Скопје го има кон нив, приватните превозници од шест часот утрово повторно протестираат со блокирање на двете крстосници пред ТЦ „Мавровка“ и пред Црвен Крст, како и на бул. „Илинден“ во околината на Градското собрание.
























