ЕУ интеграција на Западен Балкан, војната во Украина и енергетската криза се во фокусот на претседателката на ЕК, Фон дер Лајен при посетата на регионот. Треба да го претстави пакетот за енергетска поддршка од 1 милијарда евра. Вечерва ќе биде и потпишан договорот за гранично управување Фронтекс.
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен со посетата на Скопје на 26 октомври ја започнува турнејата во земјите од Западен Балкан.
Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски ќе ја пречека делегацијата предводена од Фон дер Лајен на платото пред Владата во Скопје во 18:15 часот. Во состав на мaкедонската делегација ќе бидат заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за економија Крешник Бектеши.
Главна порака на посетата е посветеноста на ЕУ за европската интеграција на регионот, но ќе стане збор и за војната во Украина и за енергетската криза, пишува Радио Слободна Европа.
Целта на оваа посета е да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската унија (ЕУ), најави на 24 октомври портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.
Земјите од Западен Балкан ќе бидат вклучени во заедничко купување на енергенси со земјите од ЕУ, најави Фон дер Лајен минатата недела од Стразбур.
Тоа ќе биде еден дел од помошта што ЕУ ќе им ја понуди на земјите од Балканот. Оваа платформа има за цел да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја намали конкурентноста помеѓу државите на енергетскиот пазар.
На 21 октомври министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи по средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Берлин, изјави дека Вархеји најавил финансиски пакет за регионот во износ од 1 милијарда евра за ублажување на ефектите од енергетската криза.
Помошта е за надминување на тековните проблеми во однос на снабдувањето со енергија и високите цени за индустријата и домаќинствата.
Македонија не произведува доволно струја, а берзанските цени по која ја увезува оваа година се 5 до 7 пати повисоки од изминатите години. Земјава се надева ЕУ да компензира дел од оваа цена.