Силен земјотрес ја погоди Хрватска, со јачина од 6,2 степени и епицентар во близина на Петриња, но силно се почувствува низ цела Хрватска.
Првите сцени од Петриња се ужасни, половина град е уништен. Се слушаат врисоци, има повредени и мртви. Според последните информации, во Петриња загинало 12-годишно девојче и 20-годишно момче во близина на гратчето Глина.
„Почина 20-годишно момче од Мајске Полјане, куќата му се урна врз него“, потврди за 24сата заменик-градоначалникот на Глина, Бранка Бакшиќ Митиќ.
Најмалку 20 лица се повредени во Сисак, од кои две потешко.
Девојче загина во Петриња, потврди градоначалникот Даринко Думбовиќ. Станува збор за 12-годишно девојче. Оваа информација ја потврди и полицијата.
“Ова е како Хирошима, немаме половина град. Во моментов сум пред мртвото девојче кое почина, чекаме помош”, изјави Думбовиќ за ХРТ. Девојчето починало во центарот на градот.
“Извлековме мало дете од четири години, градот е уништен, не можете повеќе да живеете во него. Катастрофа, мајките плачат за своите деца, не знам што има во една градинка, што во друга. Жена ми ми вика, и падна нешто на главата. Ни треба помош, потребни ни се итни служби”, извика тој.
“Ова нема никаква врска со животот. Мојот град е целосно уништен. Имаме мртви деца. Ни требаат пожарникари, не знаеме што има под урнатините, падна покрив врз еден автомобил, ни треба помош”, изјави градоначалникот на Петриња Даринко Думбовиќ за ХРТ.
Улиците на Петриња се полни со урнатини, оштетени се голем број згради, а спасувачите трагаат по преживеани, објави телевизијата Н1.
Сите достапни противпожарни единици од Загреб се на пат кон Петриња, каде спасувачките служби и пожарникарите со голи раце ги пребаруваат урнатините.
Татко и дете биле извлечени од катна станбена зграда и со возило на брза помош биле пренесени во болница. Засега е непознато со какви повреди се здобиле, но ги однеле на носила.
Сеизмологот Крешимир Кук изјави дека земјотресот помеѓу Сисак и Петриња бил со јачина од 6,2 според Рихтер и дека ослободената енергија е околу триесет пати посилна од онаа што се случила во март во Загреб.
Говорејќи за телевизијата Н1, Кук рече дека земјотресот не е изненадувачки и додаде дека тие веруваат дека ова е најсилниот удар.