Опструкциите и хистеријата на македонската опозиција за проектите за коридорот 8 и 10Д според заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи се неприфатливи. Според него, опозициските партии се обидуваат етнички да обојат еден проект кој е за доброто на целата држава.

„За жалење е оваа хистерија која се шири во јавноста во врска со проектот за коридорот 8 и 10Д. За жал опозициската партија се обидува етнички да го обои коридорот, што е неприфатливо бидејќи тоа е коридор за сите граѓани, стратешки проект за државата и од овој коридор ќе имаат придобивки и државата и граѓаните на РСМ“, вели Беким Реџепи.

Пред еден месец беше свеченото означување ба почетокот на проектот за коридорот 8, а продолжува подготвителната фаза за проектот. Заменик министерот Реџепи вели дека не се знае точно кога ќе започнат работите за изградба на коридорите на терен. Оваа проценка ја дадоа компаниите Бехтел и Енка, рече тој.

„Префрлени се 117 милиони евра врз основа на владината програма и тие средства се за предподготовка, мобилизација на човечките ресурси и машинеријата, поставување кампови и така натаму. Истовремено по ова ќе се започне со снимање, обележување на трасите, урбанистичките планови, основниот проект и потоа се почнува со конкретна работа на терен“, додаде Беким Реџепи.

Проектот и сите фази се транспарентни, рече Реџепи во емисијата 10 Минути, а ги денатираше тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека владата ќе треба да им плаќа пенали на компаниите Бехтел и Енка.