Висококатниците кои треба да се изградат на паркингот спроти Градскиот трговски центар ќе доведат до поголемо загадување, а овој предел ќе биде најгусто населен регион во светот и ќе има крајно нехумани услови за живот, порачаа „Зелен хуман град“ и граѓанската иницијативата „Шанса за Центар“ на вечерашниот мирен протест пред Основното Јавно обвинителство.
Тие испратија порака до Јавното обвинителство, иницијативата која е поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата по однос на изградбата на висококатниците конечно да има завршница.
-Од мај годинава досега тие немаат никакво известување за јавноста односно никаков напредок во предметот. Ако сакаме да спречиме корупција, ако сакаме да спречиме злоупотреба и оштетување на граѓаните во оваа земја, едноставно не може органите на државата да постапуваат на овој начин и да ги штитат инвеститорите. Не смеат да го штитат крупниот капитал, а да работат на штета на скопјани. Оваа власт наводно се бореше против Скопје 2014, но изгледа за да може да ни го сервира Скопје 202, истакна активистката Драгана Велковска.
На протестот беше истакнато дека постои сомнеж за корупција и злоупотреба на службената положба.
– Она што почнува да се гради спроти Холидеј Ин според Државната комисијата за спречување корупција е нелегално, постои сомнеж за злоупотреба на службената положба, постои сомнеж за корупција. Никој не знае како Министерството за транспорт и врски во 2018 продало над 9.000 квадратни метри државно земјиште во време кога ДУП-от не се спроведува за таа парцела. Ние ги бараме тие одговори и од Министерството за транспорт и од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, додаде Велковска.
Според архитектот Даница Павлоска, овој проблем ги истакнува слабостите на правниот систем и притоа гради култура на непочитување на државата.
Дел од жителите на Ново маало, пак, со соопштение до јавноста реагираа на протестот истакнувајќи дека проектираното решение од страна на инвеститорот гарантира урбано и зелено домување, но и фер обесштетување, како и дека протестот е поради политички цели.
-Потсетуваме уште еднаш дека тригодишниот мораториум во 2017 потпишан од тогашната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева беше прогласен за неважечки од Уставниот суд во декември 2020 година, а воедно и дека Министерството за транспорт и врски веќе еднаш се изјасни за инцијативата за суспензија на ДУП-от како неоснована. „Зелен хуман град“ и останатите лажни борци за екологија немаат апсолутно никакво право да одлучуваат во име на нашите имоти, ниту постои правен основ врз кој би можело да дојде до спречување на проектот, се наведува во соопштението.
Додаваат дека треба да престане да се врши притисок врз ОЈО, Општина Центар и Државната комисија за спречување корупција.