„Гласот од невидливиот свет” е проект на нашиот млад музичар Горан Мицевски Кус. Самиот проект е составен од 5 дела. Деновиве на социјалните мрежи промовираше еден дел од целиот проект со наслов „Немир“ за кој има изготвено и видео запис.

„Музиката е форма на искажување на емоции, таа претставува универзален јазик кој што секаде се разбира. Музиката важи за една од најраните и најтрајните уметнички форми на изразување, раскажување приказни. За многумина од нас, музиката помогна да се создадат и обликуваат лични, моќни, искуства кои го менуваат животот, што ја прави содржината уште попријатна за слушање. Откако постои уметничката форма, безброј уметници можеа да доловат и документираат значајни, интимни, па дури и историски настани преку нивните дела. Но, таа ни нуди и дуалност во изборот. Преку неа можеме да бидеме мисионери или да ја употребиме за личен интерес.

Музичкиот проект „Гласот на невидливиот свет“ од кој сега на публиката и го подарувам првиот дел „Немир“ е мисионерски обид да се подигне јавната свест за важноста на вистинските животни вредности, особено да се подигне свеста кај младата популација како приоритет на нашето општество и нејзино активно вклучување во севкупните општествени промени“, изјави Горан Мицевски- Кус за порталот zoom.mk.

Горан е познат на јавноста како фронтмен и тромбонист на битолската музичка атракција Brass brothers кој исто така се јавува и како автор на комплетната авторска музика на бендот.