Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на одбележувањето на 9-ти декември, Меѓународен ден за борба против корупцијата. Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:

Според општоприфатената дефиниција, корупцијата е злоупотреба на доверената власт или јавна функција за лична добивка на сметка на јавниот интерес и како таква е најголемото зло за секој демократски политички систем, и за општеството во целина. Корупцијата е суштински неправедна, бидејќи, воведувајќи двојни стандарди, ја поништува еднаквоста на сите пред законот.

На економски план, ја нарушува слободната конкуренција на пазарот и ги обесхрабрува претприемачите и инвеститорите. Многу често резултатот се повисоки трошоци за помалку квалитетни производи и услуги. На политички план, ја намалува довербата во институциите, го поткопува легитимитетот на избраните претставници и, постепено, но сигурно ја нарушува довербата во праведноста и ефикасноста на демократијата како систем. А најлошиот ефект од сето тоа е: разочарани и аполитични граѓани кои изгубиле надеж дека нивниот глас може да направи разлика.

Корупцијата го комерцијализира човечкото достоинство, бидејќи кога човекот има цена, тогаш тој е сведен на дехуманизиран предмет на пазарење. Кога со пари или со услуги се купуваат права и привилегии, се остварува економска добивка или се добива имунитет од обвинителско и судско постапување, тогаш се обезвреднува смислата на демократската правна држава. Затоа, мораме да се соочиме со најважното прашање: кој ја плаќа цената за корупцијата?

Пред неколку дена учествував на Форумот за детска сиромаштија и од истражувањата кои беа таму презентирани со сигурност произлегува фактот дека највисоката цена не ја плаќа ниту корумпираниот, ниту оној кој корумпира. Највисоката цена ја плаќаат најранливите членови на општеството – сиромашните деца, социјално загрозените семејства, самохраните мајки. Жртви на корупцијата се и младите кои не можат да се вработат, квалификуваните вработени кои не добиваат соодветна плата за својот труд, пензионерите кои немаат доволно пари за лекови и квалитетна медицинска нега.

Корупцијата ја загрозува и животната средина и здравјето на граѓаните, како што сведочевме низ бројните примери изминативе децении, почнувајќи од нелегалните градби, преку сомнителните набавки на неквалитетни лекови и медицински материјали, па се до лошото управување со отпадот и загадувањето на почвата и водите од индустријата.

Почитувани,

Корупцијата е една од главните причини и за се поизразените поделби во македонското општество. На вертикално ниво, корупцијата ја зголемува социјалната и економска нееднаквост бидејќи им овозможува на корумпирани поединци и групи да акумулираат средства на сметка на другите. Истовремено, таа создава и хоризонтална поделба меѓу самите граѓани, меѓу оние кои можат да си дозволат поткуп за некоја услуга и оние кои тоа не можат да си го дозволат.

Корупцијата го забрзува и иселувањето бидејќи практично го поништува системот на заслуги при вработување и унапредување. Соочени со ваква бесперспективност многу млади и квалификувани кадри едноставно си заминуваат во држави каде што постојат поинакви критериуми за напредување и наградување.

Со сите нејзини варијации и мутации, од мито, преку непотизам, кронизам, клиентелизам, корупцијата е природна средина за организираниот криминал. Високото ниво на корупција во релација со ниското ниво на доверба во институциите на државата ја зголемува несигурноста на граѓаните. Ако, на пример, граѓаните немаат доверба во полицијата или во правосудството, потешко ќе се одлучуваат да пријават корупција и криминал и да соработуваат со институциите.