Бугарскиот путинизам е вазален, тој е поклонички путинизам. Истиот до толку голема мера е навлезен во бугарското општество, што се има претворено во едно големо зло, во една голема кочница за нашиот развој. Ова го изјави Бојко Ноев, поранешен министер за одбрана на Бугарија и експерт за национална безбедност во емисијата „Прашањата“ на бугарската телевизија ТВ1.
„Депутинизацијата е најважната задача за нашето општество во моментот. Путинизацијата ја има во остатоците од специјалните служби и на прво место во Обвинителството. Тоа е најпутинизираната институција во Бугарија“, истакна Ноев, додавајќи дека сегашниот бугарски главен обвинител Гешев и неговиот претходник Цацаров имаат блиски контакти со руски обвинители, а бугарски обвинители одат на обука во Русија.
Ноев изјави дека во бугарскиот парламент треба да се создаде комисија, која да истражи зошто руските специјални служби прават што сакаат во Бугарија со години.
„Треба да се создаде една собраниска комисија, која да истражи, кој помага и зошто руските специјални служби и терористички групи на нивното разузнавање, прават што ќе посакаат во Бугарија со години. Парламентот задолжително треба да направи таква комисија и тоа ќе биде почетокот на прочистувањето на бугарските институции од приврзаниците на Путин и од путинизмот“, дециден е Ноев.
Што уште кажа Бојко Ноев за депутинизацијата на светот и на Бугарија погледнете во видеото што следи:
Извор: Трибуна