Амбасадорката на Франција во Бугарија, Флоранс Робин во гостувањето на емисијата „Светот и ние“ на Бугарската национална телевизија, изјави дека е свесна оти меѓу Софија и Скопје постои спор и најважно според неа е да се создаде можност за помирување меѓу двете земји.
Робин истакна дека не станува збор за давање зелено светло за влез на Македонија во Европската Унија, туку за почеток на преговори, кои ќе потраат повеќе години.
Таа говореше за приоритетите на Франција во текот на престојното претседателство, кое почнува од 1 јануари 2022 година, а меѓу нив се и да се преземат чекори да се отворат позитивни патишта за Република Македонија, а не да се случи ситуација, во која земјата би се дестабилизирала.
Освен тоа, додаде таа, Бугарија, која е членка на ЕУ, може да постапи на начин со кој ќе помогне. Француската амбасадорка изјави дека истовремено треба да бидат заштитени законските интереси на Бугарија.