Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ идната среда, на 18 мај, ќе допатува во дводневна официјална посета на Косово, објави приштинскиот портал „Газета експрес“, повикувајќи се на свои неименувани извори.
Како прв црногорски државник кој ќе престојува во официјална посета на Косово од прогласувањето на независноста на таа држава, Ѓукановиќ во Приштина ќе се сретне со лидерите на највисоките државни институции, односно со претседателката на Републиката Вјоса Османи, со претседателот на Собранието Глаук Коњуфца и со премиерот Албин Курти.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, црногорскиот претседател уште пред два месеци најави дека планира да ја посети соседната држава.
– Јас досега не сум бил во официјална посета на Косово. Ѝ се радувам на оваа посета. Сакам на овој начин да придонесеме во нашето меѓусебно разбирање како држави, изјави Ѓукановиќ во март годинава за телевизијата КТВ.
Тој во истото интервју порача дека „преку јакнењето на меѓусебното разбирање ќе расте и квалитетот на соработката меѓу земјите од регионот, што ќе влијае и на зголемувањето на квалитетот на регионалната соработка и стабилност и на европската перспектива на регионот“.
И новиот црногорки премиер, Дритан Абазовиќ исто така најави дека планира да ја посети Приштина.
– Апсолутно сум подготвен и со големо задоволство. Моја вина е што досега не се реализира мојата офцијална посета, бидејќи имаше и покани, но таква беше динамиката на работа на минатата влада. Сега, како премиер, ќе ми биде големо задоволство да дојдам, изјави завчера Абазовиќ за телевизијата Клан Косова.