Продолжувајќи со засилените сообраќајни контроли по патиштата низ земјава во текот на изминатите два дена полициските службеници издале вкупно 1425 платни налози за сторени прекшоци по основ на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила, извести МВР.

Притоа, во рамки на оваа бројка, а по основ на преовладувачките прекршоци што ги прават учесниците во сообраќајот – неправилно паркирање и пречекорување на брзината на движење, беа регистрирани 415, односно 333 прекршоци. Покрај ова, без возачка дозвола регистирани биле 144 возачи, потоа 71 учесник во сообраќајот биле санкционирани за неносење сигурносен појас, 39 возачи на мотоцикл за неносење на заштитна кацига, а пак 64 за користење на мобилен телефон при возење.

Исто така, според статистичките податоци, во шест случаи возачи минале на црвено светло, во 18 случаи кај возачи било утврдено недозволено количество алкохол во крвта, а санкционирани биле и 15 пешаци.

По основ пак на Законот за возила 48 возила биле отстранети од сообраќај и тоа 14 заради техничка неисправност а 34 возила се отстранети од сообраќај затоа што биле нерегистрирани, соопшти МВР.

Од Министерството апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено за време на утрешниот празник возачите да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол.

„Одговорното однесување во сообраќајот е предуслов за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, велат од МВР.

Текстот 1.425 сообраќајни прекршоци изминатите два дена на територија на целата држава, 333 за брзо возење е превземен од МАКФАКС.