Околу 1.000 домаќинства од скопските населби Хиподром 1 и 2 ќе се поврзат на градското парно. Топловодната мрежа на АД ЕСМ, подружница „Енергетика“ се продолжува во овие делови на Скопје, информираат од владината прес-служба. Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски извршија увид во неколку проекти што се реализираат во оваа скопска општина.
„Станува збор за инвестиција вредна околу 600 илјади евра која ќе се реализира во следните две до три години. Со ова проширување на топловодната мрежа во Гази Баба се очекува голем бенефит за граѓаните како што се намалување на потрошувачката на струја за домаќинствата приклучени на системот, стабилно и современо загревање на домовите, како и намалување на причинителите на аерозагадувањето. Ќе се создадат предуслови и за дополнително проширување на секундарната топловодна мрежа, како и можности за нови приклучоци и поголем опфат на домаќинства во иднина“, изјави премиерот Заев.