Една од најпознатите жени во поранешна Југославија, или барем нејзиниот лик преставен како лик на жена од село не е измислена. Нејзе ја имаше на најпознатата банкнота од тоа време, 1.000 динара и доколку подобро загледате, под ликот ќе можете да видите дека пишува А. Миленковиќ. Таа жена не е измислена, живеела и работела во Белград.
Уметникот Андрија Миленковиќ е творецот на тогашната банкнота од илјада динари. Сликата на жената на таа банкнота, сликата на селанката чии прамени штрчат под шамијата на убавото, енергично лице со продорен поглед – е ликот на неговата сопруга Ружица, родена Арсенијевиќ.
Блиските пријатели ѝ велеле: „Дај ми една ружица“, се шегувала Ружица, жената која тешко се согласила за тогашното интервју . „Имаше многу шеги на оваа тема. Ме завикаа Ружица-инфлација… Или ми велеа: „Како што расте инфлацијата, се повеќе девалвираш“, раскажала таа.
Уметникот и сопруг Андрија Миленковиќ раскажал дека сè започнало кога бил распишан конкурсот за уметнички дизајн на банкнотата. Победил во силна конкуренција.
„Кога ме прашаа чие е тоа лице им реков – на обична, здрава жени, селанка. Затоа што на интерниот конкурс имаше барање банкнотата да има мотив од земјоделството, поврзан со Зелениот план, да биде сејугословенски, значи да не биде во носија. Барав таков лик и дојдов на идеја да го модифицирам ликот на мојата сопруга…“, раскажал тој.
Ликот на банкнотата не го променил животот на Ружица
„Не знаев за сето тоа“, раскажала Ружица. „Му позирав за Андрија, убедена дека, како што вети, ќе ми направи портрет. И наместо да добијам слика што ќе биде само моја, добив изменет лик на банкнота која – секој може да ја има. На почетокот се чувствував повредена, подоцна се гордеев што тоа е дело на Андрија“, го пренесува Индекс.хр во соработка со „Југопапир“ интервјуто направено во 1982 година.
„Ми се случуваше луѓето што ги среќавам да ми речат: „Позната си ми од некаде.“ Знаев дека тоа не е банална фраза, но, се разбира, никогаш не сакав да им објаснам од каде ме знаат и на кого ги потсетувам. Би било тешко да се објасни: луѓето генерално ги гледаат парите како вредност, а не како графички израз“.
Андрија Миленковиќ (роден 1923 година) ја започнал својата кариера во 1958 година кога креирал поштенски марки. Починал во 2005 година во Белград, на 82-годишна возраст.
Добитник е на многу награди од тоа време. Направил над петстотини уметнички решенија за поштенски марки кои биле репродуцирани во повеќе од шест милијарди примероци и една банкнота со ликот на неговата сопруга Ружица…
Банкнотата од 1.000 динари се појавила во пресрет на големиот празник во СФРЈ – Денот на Републиката, пред 29 ноември 1975 година. Тогаш вредела 55 американски долари или 121 западногерманска марка, а во моментот кога била повлечена во 1989 година, нејзината вредност била 10 пари конвертибилни динари, а за тие пари не можело да се купи ни кибрит.
Извор: Во соработка со „Југопапир“, „Индекс.хр“ објавува текст од 1982 година, за Ружица Арсенијевиќ, жената од илјадарката, најпознатата југословенска банкнота.
Превземено од Брифи.мк