Претседателот на Собранието Талат Џафери попладнево  положи цвеќе пред спомен – плочата  во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре”. Џафери овој чин го направи истовремено со неговиот бугарски колега, претседателот на Парламентот во Софија Росен Желјазков.

– Во рамките на чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј ги поминавме сите процедури што според протоколот требаше да ги поминеме со аудиенцијата кај Папата, следствено и други средби и секако со задоволство направивме обид и успеавме во тој обид заеднички, ние двајцата претседатели на парламентите, претставници на народите на нашите земји да се состанеме и заедно да покажеме уште еднаш дека без оглед на она што се политички и партиски ставови народите си имаат поинакво мислеење по нештата што се заеднички, што се за добробит на граѓаните и на нашите институции. И од таа причина успеавме тоа да го направиме заеднички. Секој на својата табла положивме венец секако покажувајќи уште еднаш дека парламентите се претставници на граѓаните и ние од името на граѓаните тоа го направивме, рече Џафери во кусата изјава.

Претседателот на бугарскиот Парламент Желјазков рече дека многу се радува што на овој убав празник тој и Џафери успеале заедно да положат венци „на нашите првоучители Кирил и Методиј“.

-И на тој начин да покажеме како не поврзува минатото и како ќе не поврзува иднината. И тоа беше симболиката на денешниот ден. Се радувам што мојот колега претседателот Џафери многу пријателски и многу срдечно го направи тоа, како и ние, рече Желјазков.

Џафери ја предводи државно-црковната делегација во Рим во која се и пратениците Соња Мираковска од СДСМ, Дафина Стојаноска од ВМРО – ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ, генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници, Даријан Сотировски, директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јовановска Грујовска и отец Зоран Стојанов од Католичката црква.

Македонска црковно-државна делегација утрово имаше поклонение на гробот на свети Кирил во Рим, соопшти Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. 

Претходно денеска во базиликата „Сан Клементе” во Рим се одржа молебен на гробот на Св. Кирил со кој чиноначалстуваше митрополитот европски г. Пимен во сослужение со митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и отец Митко Газинковски од Македонската православна црква- Охридска архиепископија.

Исто така државно-црковната делагција имаше аудиенција кај папата Франциск.

Поклонението на гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.