Жестоко критикувајќи ја холивудската опсесија со пластичната хирургија, актерката Џејми Ли Кертис изјави дека „генерации жени се унаказени“.
„Бев многу гласна за геноцидот над генерација жени од страна на козметичкaта индустрија, кои самите себе се унаказиле“, рече таа во ново интервју за Гардијан.
Познатата актерка, ѕвезда на филмот Freaky Friday, го осуди концептот дека „можете да го промените својот изглед со хемикалии, хируршки процедури и филери“, нарекувајќи го тоа „унаказување на генерации, претежно жени, кои го менуваат својот изглед“.
Кертис изјави и дека ваквите трендови се поддржани и поттикнати од вештачката интелигенција, бидејќи сега луѓето посакуваат лица со филтри. „Јас моментално немам филери. Штом ќе ставиш, и кога ќе ги видиш фотографиите ‘пред и потоа’, тешко е да не помислиш: ‘О, ова изгледа подобро’. Но, што значи подобро? Подобро е – лажно.“
За да ја истакне својата поента, Кертис (66) на едно фотографирање се појави со преголеми вештачки усни, кои сама ги купила на Amazon. „Вештачките усни се мој протест против пластичната хирургија“, изјави таа.
Таа ја бранеше употребата на зборот „геноцид“, објаснувајќи дека се повикува на неговата дефиниција како „намерно и систематско уништување“, и додаде: „Верувам дека избришавме една или две генерации луѓе со природен изглед“.
Запрашана за нејзината колешка од Freaky Friday, Линдзи Лохан, за која се шпекулираше дека направила естетски зафати, таа рече: „Си ги говорам моите грижи. Таа не го бара мојот совет. Таа е сосема функционална, паметна и креативна жена.“
Иако е критична, Кертис вели дека не ги осудува жените кои се одлучиле за естетски зафати: „Не проповедам. Никогаш не би ѝ рекла некому: ‘Што си направила?’“
„Сѐ што знам е дека тоа е бескраен циклус. Штом еднаш започнеш – не можеш да застанеш. Но, тоа не е моја работа.“
Кертис уште во 2022 година изјави во емисијата Today дека сака природно да старее: „Ставив ботокс. Дали ги отстранува брчките? Да. Но, потоа изгледаш како пластична фигура.“
Призна дека имала липосукција и операција на очи.
Текстот Џејми Ли Кертис остро против пластичната хирургија: Тоа е геноцид над цела генерација жени е превземен од МАКФАКС.