Пејачката Џенифер Лопез би можела индиректно да биде вмешана во претстојниот судски процес против музичкиот магнат Шон Диди Комбс, кој беше уапсен во септември минатата година. Комбс моментално се соочува со сериозни обвиненија кои вклучуваат рекетирање, трговија со луѓе за сексуална експлоатација и прекршоци поврзани со проституција.
Обвинителите, исто така, сакаат да вклучат докази од пукањето во 1999 година што се случи во ноќен клуб, во кој Комбс, наводно, бил учесник. Џенифер Лопез во тој момент била присутна на местото на настанот. По инцидентот во кој беа повредени три лица, Лопез и Диди го напуштија клубот и беа запрени од полицијата по бркотница низ Менхетен. Во нивното возило потоа бил пронајден украден пиштол.
И двајцата беа уапсени, но Лопез не беше обвинета за никакво кривично дело, додека обвиненијата против Комбс подоцна беа отфрлени. Неговата одбрана тврдеше дека сведочењето на клучниот сведок е „очигледно неверојатно“, бидејќи тој наводно рекол дека Диди се обидел да го поткупи.
Сега адвокатите на Комбс бараат инцидентот од 1999 година да биде исфрлен од судската постапка, според Дејли мејл. Тие, исто така, се обидуваат да спречат видео од 2016 година на кое се прикажува физички напад врз неговата поранешна девојка Каси Вентура да биде искористена како доказ. Видеото беше објавено во мај 2024 година на Си-ен-ен, а Комбс јавно се извини по објавувањето и рече дека „ја презема целосната одговорност“. Набргу потоа бил уапсен.
Адвокатите тврдат дека никој не може да ја потврди автентичноста на видеото и дека снимката е „целосно неточна, изменета, манипулирана, забрзана и монтирана“. Наводно, Си-ен-ен ја поседува единствената достапна копија бидејќи оригиналот е избришан. Во одбраната беше вклучен и форензичарот Конор Мекорт, кој сведочеше под заклетва дека видеото е значително забрзано и содржело „големо количество на изобличување“, при што не се исклучува можноста материјалот да е монтиран.
Покрај тоа, тимот на Комбс сака да го исфрли сведочењето на трето лице кое го обвинува, познато како Жртва 3. Тие тврдат дека тие наводи немаат директна врска со злосторствата за кои тој се товари и дека нивното презентирање пред поротата би било „неправедно штетно“. Обвинителите, пак, посочуваат дека оваа информација го одразува „влијанието и контролата“ што Комбс го имал врз жртвата.
Џеј Ло може да биде вклучена
Одбраната исто така тврди дека таквите докази би можеле емотивно да влијаат на членовите на поротата, но не наведува конкретни причини.
Иако претходно побара судењето да се одржи што е можно поскоро, Диди сега побара одложување од два месеци за да му даде доволно време да ја подготви одбраната. Тоа се однесува на третото, изменето обвинение што обвинителите го поднесоа на почетокот на април, тврдејќи дека вклучува „значително ново однесување“. Обвинителите го оспоруваат тоа тврдење.
Воведувањето на настанот од 1999 година како дел од доказите може да значи и дека Џенифер Лопез повторно ќе се најде во центарот на медиумското внимание, иако не се споменува како осомничена или сведок.
Текстот Џенифер Лопез може да биде вовлечена на судењето на Диди, се отвора стар случај е превземен од МАКФАКС.