Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје им се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување.

Користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во периодот од септември 2023 година до 24.10.2024 година, грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека „ќе ги дигнел на клоци“, „ќе ги фрлел од 6-ти кат“, „ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки“. Дел ги навредувал дека „му го грделе обвинителството“ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени.

Оштетените, неможејќи да ги поднесат заканите и психичкото насилство со понижувачко постапување од обвинетиот, се обратиле писмено до Јавното обвинителство, до Советот на јавните обвинители и до Основното јавно обвинителство Скопје, со барање за преземање на итни мерки во врска со постапувањето на обвинетиот и за нивна заштита.

Откако обвинетиот дознал за писмената пријава на оштетените, ги повикал насамо, секоја поединечно во неговата канцеларија, каде продолжил со психичкото насилство, принудувајќи ги да напишат писмени изјави дека биле изманипулирани. Притоа, им се заканувал дека ќе им поднесе тужби за клевета со барање за отштета од 100.000 евра, велејќи им дека тој може да влијае на сите судии и адвокати, дека имаат деца на кои треба да мислат и дека ќе ги изгубат работните места. Откако ќе одбиеле да потпишат таква изјава им поведувал дисциплински постапки и ги прераспоредувал на работни места во обвинителството.

Кога две од оштетените веќе не можеле да го издржат континуираниот притисок и закани, чувствувајќи страв напишале изјави со содржина по негово барање, обвинетиот како службено лице – Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје презел службени дејствија со кои ги пречекорил границите на своите службени овластувања утврдени Законот за јавното обвинителство и Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, а со намера потешко да им ги повреди правата на оштетените.

Без одобрение за нивно понатамошно поднесување до институцијата, тој ги заверил личните изјави доставени во неговата канцеларија со приемен печат на ВЈО Скопје, па на 16.10.2024 година, на сите им доставил писмени барања за јавно извинување и јавно повлекување во рок од 48 часа. Иако барањата биле лични и самиот ги поднесувал со цел да направи психички притисок врз оштетените, истите ги завел со Резолуција „А“ во Уписникот „А“ на ВЈО Скопје, спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства.

На 24.10.2024 година, обвинетиот одржал состанок со сите вработени од јавнообвинителската служба, каде што пред сите нив, продолжил со психичкиот притисок кон оштетените, на начин што ги изнесувал наводите од нивното барање, ги исмевал и ги понижувал пред останатите. Потоа, повторно користејќи ја неговата надреденост во службата, побарал од сите вработени кои не биле потписници на писменото барање за преземање на итни мерки, да напишат своерачни изјави во кои ќе го опишат „каков е тој како шеф“.

Како резултат на ваквото деградирачко и понижувачко однесување, една од вработените се разболела и добила анксиозно растројство.

Со цел да ја заштити постапката и жртвите, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетените.

Постапувајќи во текот на истражната постапка, јавниот обвинител обезбеди докази и во однос на службеното постапување на наведениот Виш јавен обвинител и на уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, согласно кои против нив поднесе Обвинителен предлог со кој ги товари дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите, во временскиот период од јануари 2023 година до август 2024 година, во Вишото јавно обвинителство Скопје, заедно со учество во дејствија на извршување на делото, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, со тоа што преземале службено дејствие со кое ги пречекориле границите на своите службени овластувања.

Спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, примените писма кои по отворањето, му биле предавани од страна на овластениот јавнообвинителски службеник за прием, првообвинетиот ги задржувал и барал да не бидат заведени истиот ден или редоследно, туку да бидат заведени неколку дена подоцна и под различен датум од приемниот. Истовремено барал од службениците тие предмети директно „без многу галама“ да бидат доделувани на второобвинетиот.

Постапувајќи во наведените предмети, обвинетите не ја извршувале својата службена должност согласно чл.7 од Законот за јавното обвинителство, односно функцијата јавен обвинител ја вршеле незаконито, пристрасно и субјективно, со непочитување и без заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти, надвор од рамките на своите надлежности, а со намера да овозможат друг да се стекне со имотна корист, со што потешко ги повредиле правата на странките во неколку постапки.