Во близина на депонијата Вардариште во Скопје, кандидатот за градоначалник проф. Д-р Горан Марковски и носителката на кандидатската листа за советници Јана Белчева Андреевска од граѓанската платформа „Независни заедно“ одржаа прес-конференција, откако граѓаните протестираа поради повторното горење на депонијата.
„Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето“, изјави Марковски, додавајќи дека досегашниот проблем со Вардариште е резултат на недостиг на политичка волја, иако постојат стручни студии и акциски планови. Тој потенцира дека решението мора да биде стручно, вклучувајќи методи за собирање и користење на метанот од депонијата за производство на електрична енергија.
Белчева Андреевска нагласи дека реализацијата на усвоените стручни планови, како чистење на дивите депонии, рекултивација на Вардариште, модернизација на системите за гас и исцедок и зајакнување на селекцијата и рециклирањето, ќе донесе видливи резултати. Таа додаде дека планот треба да вклучува затворање на дивите депонии, 24/7 периметарска контрола со видео-аналитики, термални камери и дронови за откривање на нови истурања и жаришта, со интегрирани податоци и јавна отчетност.
„Нам сојузници во овие напори мора да ни бидат граѓаните кои се будни, свесни и бараат промени и ќе го дадат гласот за оние кои веќе биле активни, и ќе продолжат да работат за јавниот интерес – а тоа е чист воздух и здрава животна средина“, рече Белчева Андреевска.
Платформата „Независни заедно“ ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку општини во Скопје и има за цел враќање на локалната власт во рацете на граѓаните преку чесен, стручен и транспарентен пристап кон управувањето со јавниот интерес.
Текстот „Ќе изумреме како диносаурусите aко не се справиме заедно“ – Марковски и Белчева најавуваат решение за депонијата Вардариште е превземен од МАКФАКС.