Првата јавна дискусија, по трансформација на ресорот култура во Министерство за култура и туризам, се отвори на денешната Конференција во просториите на Јавна соба, како најава за утрешниот почеток на фестивалот Skopje Design Week. Првиот конференциски панел го отвори министерот за култура и туризам Зоран Љутков, а воведен збор имаше организаторот на Skopje Design Week, и модератор на конференцијата Александар Велиновски.

„Со развојот на креативните индустрии, во една поинаква стратешка рамка во интегрирано министерство за култура и туризам, ќе овозможиме луѓето, оние кои се занимаваат со култура, иднината да ја гледаат надвор од институциите. Можноста да се отворат приватни театри и слични установи е патот што треба да го следиме. Еден од важните аспекти е мапирање на конкретните културни вредности и во делот на фолклорот и туризмот, бидејќи ние самите малку сме запознаени какви се самостојни иницијативи постојат. Ќе ни бидат потребни повеќе вакви јавни дебати за да можеме да оформиме стратегија и посебни програми што ќе ги спојат двата сектори.“, рече Зоран Љутков.

На првиот панел од оваа конференција на темата „Културните оператори двигатели на локален економски раст и развој – привлекување странски посетители“ како панелисти зборуваа Логин Кочишки, Д Фестивал Дојран и Таксират Скопје, Владица Младеновски, Грга, МКЦ Скопје, Тодор Ивановски, Локумфест, Битола Тошо Чочороски, КУД Дримкол, општина Вевчани – Вевчански карневал Марија Ѓоргова, државен секретар, Министерство за култура и туризам.

Панелистите кои се со многугодишно искуство во менаџирање на културни настани, беа согласни дека ни е потребно спојување на секторите, но со сериозна и внимателна стратегија.

Кочишки од Таксират и Д фест Дојран, рече дека поддршката од државата досега е минимална, додека бенефитот кој го носат фестивалите во економијата е далеку поголем.

„Ние сме постојано лимитирани од поддршката од конкурсите на Министерството за култура, додека инвестираме многу во економскиот бенефит преку фестивалите. Конкретно во Дојран, самите создаваме и инфраструктура, немаше ни табла на автопатот, се трудевме да дадеме насоки каде е Дојран. Денеска мислам дека Д фест е најголемиот економски покренувач во градот, и тоа те тој импакт што го направивме.“, рече Кочишки.

Младеновски – Грга од МКЦ, рече дека фестивалите што ги организираат стануваат атрактивни за регионот.

„Носиме големи имиња на фестивалите, и имаме најниски цени на билетите во регионот. Станавме конкурентни и интерсни и за грчки посетители, што остануваат секако како туристи во Скопје. Се надева, дека во иднина ќе направиме подобра платформа за да ги споиме искуствата.“, рече Младеновски – Грга.

Тоше Ивановски, културен работник, арт директор на Локум фест кој постои 19 години ја поздрави иницијативата за спојување на ресорите, за која рече чека 30 години а за него е шокантно во позитивна смисла. „Локум фест“ има голем потенцијал во насока на фестивал кој може да го раздвижи туризмот во Битола, но за ова е потребно внимателно интегрирање на искуствата на сите линители“, рече Ивановски.

Тоше Чочороски, претставник на туристичкото стопанство, рече дека спојувањето на секторите е голем предизвик но се надева дека тоа нема да остане само на ентузијазам. „Туристите треба да ги препознаат културните манифестации, да се стремиме туристите да останат тука заради културните настани. Потребна ни промоција, креативните индустрии се многу важни, но кога ќе станат дел од програмата на тур операторите.“, рече Чочороски.

Марија Ѓоргова, државен секретар, Министерство за култура и туризам рече дека треба да се следат и искуствата на соседните земји во начинот на кој го менаџираат културниот туризам, и дека е потребно да се најдат модели за субвенционирање и надвор од буџетските пари.

Вториот панел ќе биде посветен на темата “Како да ги разбереме туристите кои ни доаѓаат? А панелисти се Аккан Махмут, национален коодинатор за туризам во Влада на Македонија Владимир Граматиков – ТАВ Македонија, директор на маркетинг Зоран Тодоровски Паладиум груп Македонија Ивана Брдаровска, Balkan Prime Tours Јованка Ѓорѓевска.

Од оваа конференција се очекува да произлезат идејни проекти за понатамошна соработка на полето на култура и туризам.