Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, во рамките на конференцијата на библиотекарите со наслов „Услуги за корисниците со посебни потреби и лица со попреченост“ порача дека библиотеките мора да се приспособат, да бидат пофлексибилни, поотворени и подостапни за сите граѓани, без исклучок.

„На попреченоста не треба да се гледа како на пречка, туку како на предизвик. Таа треба да биде поттик за библиотеките да се приспособат, да бидат пофлексибилни, поотворени и похумани. Затоа, денес, кога технологијата ни нуди сè поголеми можности, немаме изговор да не го направиме тоа. Говориме за пристапност во физичка смисла – како пристап до просториите, но и за пристапност до содржините – преку Брајово писмо, аудиокниги, дигитални формати, приспособени образовни програми и персонализирана поддршка“, рече министерот Љутков.

Според Љутков, сите ние, а особено институциите што ја носат одговорноста за културниот развој, мора да гледаме на достапноста не како на дополнителна обврска туку како на основен принцип. Оваа конференција е важен чекор во таа насока.

„Како Министерство за култура и туризам, свесни сме за предизвиците со кои се соочуваат библиотеките денес затоа ние сме тука да ве поддржиме не само со зборови туку и со дела. Да креираме заедно културни институции во кои достапноста и грижата не се додаток, туку темел“, порача Љутков.

На петтата конференција на библиотекарите, што се одржува во Велес, во организација на Библиотекарското здружение на РМ, учествуваат библиотекари од земјата и од странство: Србија, Косово, Албанија, Хрватска, Индија и Босна.