Во интервју за Бугарското национално радио, Љупчо Ѓоргиевски, претседател на забранетиот бугарски културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола, ја нарече условната казна од една година „политичко предупредување до секој Бугарин во Македонија да не ја крева главата“, пренесува Трибуна.

Минатата недела Основниот суд во Битола му изрече условна казна од една година со условен рок од две години, поради обвинение за ширење етничка омраза преку цитирање на изјави од историската личност Ванчо Михајлов.

„Ова не е срам, туку чест. Оваа пресуда ја доживувам како порака – но и како мотив плус. Ние не сме малкумина. Борбата за внесување на Бугарите во македонскиот Устав не запира тука. Денес да си Бугарин во Македонија значи да припаѓаш на голем и достоен народ“, рече Ѓоргиевски.

Тој посочи дека бугарските европратеници треба појасно да ги информираат своите колеги во Европскиот парламент за реалната положба на Бугарите во Северна Македонија.

„Брисел веќе знае за нашата ситуација. Скопските власти можат да не плашат, но не можат да ја запрат браната. ‘Францускиот предлог’ е веќе европски предлог. Северна Македонија нема билатерален проблем со Бугарија – туку со Европската унија, бидејќи не го спроведува Договорот за добрососедство“, изјави Ѓоргиевски.

Тој додаде дека „Северна Македонија не сака членство во ЕУ, туку се врзува со Русија и Србија. Колку подалеку сме од ЕУ, толку подобро за власта во Скопје, затоа што ќе може повеќе и послободно да краде од државата“.

Ѓоргиевски истакна дека бројот на луѓе со бугарска самосвест во државата е далеку поголем отколку што тврдат властите: „Ако навистина бевме само 800, како што тврди Мицкоски, одамна ќе нè внесеа во Уставот“.