Реакции во јавноста има откако синоќа во „Само вистина“ на Канал 5 настана скандал, по што директорот Иван Мирчевски се вклучи во живо и ја прекина емисијата во која гостуваше политичарот Исмет Рамадани. Причина беше тоа што Рамадани се жалеше дека Албанците се дискриминирани и упатуваше забелешки до водителот Александар Видиновски дека следел што се говорело за Албанците во претходните емисии.
Претседателот на ВМРО-Народна партија и поранешен премиер Љубчо Георгиевски го нарече „голем срам за македонското новинарство“ синоќешниот инцидент на емисијата „Само вистина“ на Канал 5, во кој емисијата беше прекината, а гостинот Исмет Рамадани беше избркан.
„Канал 5 ТВ поставува нови стандарди во македонското новинарство. Добро би било и да истепаат некој гостин наредниот пат. Ваков примитивизам во 30 години демократија немаме видено, а мислам дека и во светското новинарство нема ваков преседан. Голем срам за македонското новинарство“, коментира Георгиевски.