Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје, денеска успешно реализираше поставување на нови информативни табли со современ дизајн и вграден QR-код кој овозможува едноставно и брзо плаќање на паркинг услугата со платежна картичка.
Во рамки на напорите за дигитализација и модернизација, претпријатието денес започнува со замена на сите информативни табли со нов, модерен дизајн, како и поставување дополнителни табли за подобра информираност и полесна ориентација на корисниците. Новите табли содржат јасно означени податоци за зоните, тарифите и начинот на плаќање, а QR-кодот овозможува директен пристап до безбеден систем за електронско плаќање, без потреба од најава, регистрација или испраќање SMS порака, соопштија од таму.
Со едно скенирање, корисниците можат брзо и удобно да ја извршат уплатата, што претставува чекор напред во модернизацијата на услугите за паркирање во oпштина Центар.
„Воведувањето на QR-код системот е дел од нашата стратегија за дигитализација и поедноставување на услугите за граѓаните. Со ова решение, секој возач може за неколку секунди да го плати паркирањето без апликации, без регистрации и без дополнителни чекори. Нашата цел е да обезбедиме модерно, ефикасно и кориснички ориентирано паркирање во oпштина Центар,“ изјави Душко Коцевски, директор на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Овој проект е дел од континуираните активности на ЈП ПОЦ за унапредување на јавните услуги, подобрување на искуството на корисниците и воведување на иновативни дигитални решенија во интерес на граѓаните и посетителите на општина Центар.
Текстот ЈП Паркинзи на Општина Центар со нови информативни табли и можност за плаќање со QR-код е превземен од МАКФАКС.























