Напуштањето на домашни миленици, особено кучиња, не е само лична или семејна одлука – тоа е чин што остава трајни последици врз целиот град и неговото функционирање. Она што за некого е „само едно куче“, за градот станува проблем со јавно здравје, безбедност, етика и јавна потрошувачка, велат од ЈП „Лајка“:
Од таму велат дека кога сопственик ќе напушти миленик, тоа животно завршува на улица – но улицата не е природна средина за него. Градските улици полека се претвораат во несоодветни прибежишта, полни со гладни, болни и често уплашени животни кои се борат за преживување. Овие услови не се одржливи ниту за животните, ниту за луѓето.
Напуштањето на миленици има и општествени последици: слика за вредностите на заедницата.
„Кога едно општество дозволува масовно и неказнето напуштање миленици, тоа испраќа поразителна порака: дека грижата е привремена, а одговорноста – изборна. Децата растат гледајќи дека животно може да се „фрли“ кога ќе стане непрактично. На тој начин се пренесуваат погрешни вредности – дека животот е заменлив, дека посветеноста има рок на траење. Таквото однесување го разјадува ткивото на општествената солидарност. Зашто, ако не се грижиме за најранливите – што кажува тоа за нас како луѓе?“, велат од претпријатието.
Исто така, напуштањето има и економски последици: јавни средства за лична неодговорност.
„Секое напуштено животно станува товар на општинските ресурси. Стационарите се преполни, а капацитетите за вдомување и стерилизација се ограничени. Локалните власти мора да вложуваат средства во заловување, хуман третман, ветеринарна грижа, стерилизација, вакцинација… А сите тие трошоци произлегуваат од нечие лично – и неодговорно – однесување“, се наведува во соопштението.
Во него се потсетува дека напуштањето е казниво – но ретко санкционирано.
„Според Законот за заштита и благосостојба на животните во Македонија, напуштањето на миленик е казниво дело. Но во пракса, ретко кој се соочува со санкции. Без контрола на регистрација на миленици и без системска едукација, законот останува само на хартија“, велат од „Лајка“.
Според нив решението е едукација, регистрација, стерилизација, санкции.
„Напуштањето може да се спречи – но не преку осуда, туку преку: масовна едукација за одговорно сопствеништво, задолжителна регистрација и микрочипирање, достапни програми за стерилизација, јасни и применливи казни за напуштање. Кога некој ќе го напушти својот миленик, последиците ги сноси целото општество – институциите, граѓаните, децата, а најмногу самото животно. Затоа, секој чин на напуштање треба да се третира како сериозен проблем, а секој чин на грижа – како чекор напред кон подобар, похуман и покултурен град“, велат од ЈП „Лајка“.
Текстот ЈП „Лајка“: Напуштањето на домашни миленици е чин што остава трајни последици врз целиот град е превземен од МАКФАКС.