Бугарската потпретседателка Илијана Јотова ги коментираше изјавите на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска, која рече дека Договорот за пријателство и добрососедство не вклучува измени на Уставот на земјата, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна. Според потпретседателката Јотова, начинот на кој Северна Македонија во последно време го води „дијалогот“ со Бугарија е непродуктивен и несериозен.

„Не сакам да верувам дека нашите соседи го менуваат својот курс во однос на вистинското членство во Европската унија. Препорачувам внимателно да се прочитаат документите на ЕУ, одлуките на Советот, врз основа на францускиот предлог, кој долго време е официјална одлука на Европската унија, резолуциите на Европскиот парламент, во кои јасно се споменува значењето на Договорот за добрососедство и Договорот од Преспа, кои се елемент од преговарачкиот процес“, препорача Јотова.

Таа посоветува уште внимателно да се погледне процедурата – „кои се неопходните услови за меѓувладина конференција, што ќе следи Европската комисија. Имаат многу работа пред нив“, нагласи потпретседателката Јотова.