На годишниот форум „ЕУ се среќава со Балканите“, одржан во Софија Тех Парк, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, истакна дека без интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија, не може да се зборува за сигурност на целиот континент. Таа категорично го отфрли концептот на Европа на две брзини, нарекувајќи го фатален за развојот на ЕУ како заеднички простор, пренесува Трибуна.
Јотова нагласи дека дискусијата за проширувањето на ЕУ е исклучително важна и навремена. „Дискусии како денешната треба да бидат дел од серија дебати кои ќе одговорат на основните прашања: дали и кога ќе се прошири ЕУ со нови членки, кои ќе бидат фазите на тој процес и каква ќе биде цената,“ изјави таа.
Таа го опиша процесот на проширување како геополитички и демократски избор, кој е сложен, но бара мудри одлуки. Јотова потсети на Декларацијата на Шуман од 1950 година, која го дефинира проектот за обединета Европа како континентален. Според неа, војната во Украина и актуелната геополитичка ситуација го вратија фокусот на темата за проширување.
„Процесот на проширување никогаш не е дефиниран еднаш засекогаш. Секогаш постојат спорови и различни мислења – колку да се проширува, до кога, каков сојуз сакаме,“ додаде Јотова.
Таа истакна дека проширувањето ја зголемува територијата на споделените вредности. „Ако ги загубиме овие вредности, не гледам причина да бидеме заедно,“ рече Јотова, критикувајќи ја непостојаната политика на ЕУ кон Западен Балкан.
Во однос на Северна Македонија, Јотова изјави дека Бугарија не поставува дополнителни услови за процесот на преговори, туку бара почитување на европските критериуми.
„Договорениот француски предлог не вклучува бугарски барања, туку европски критериуми за членство, изјави бугарската подпретседателка. Ние продолжуваме да веруваме дека правата на Бугарите во Северна Македонија не се заштитени. Ова е европски документ, колку и да се обидуваат да го претстават како билатерално прашање, вели Јотова.
Настанот беше организиран од Европскиот либерален форум, партијата АЛДЕ и Атлантскиот клуб во Бугарија, со цел да се поттикне дијалог за иднината на ЕУ и нејзиното проширување.