Дирекцијата за култура и уметност на Скопје информира дека во рамки на јубилејното 25-то издание на фестивалот „Есенски музички свечености“ ќе се одржи концерт на Једен Ансамбл од Турција, на 09.11. 2025г. (недела) со почеток во 20 часот во Салон 19 19 (Културно информативен центар).
На концертот ќе учествуваат: Руи Азиз – каманча, Халил Ибрахим Доѓан – неј, Реџеп Белен – тамбура, Наваф Хамед – канун и Бураг Месробјан – перкусија.
Једен Ансамбл е основан во Виена во 2018 година и организира концерти во различни делови на Европа, специјализирајќи се за класична турска и турска суфиска музика. Групата е единствена во Австрија и една од ретките во Европа со ваков фокус. Репертоарот обединува дела од 10-иот век до денес, во различни форми и структури, изведени на акустични инструменти како неј, танбура, уд, канун, кеменче и бендир, а понекогаш настапуваат и гостински уметници. Ансамблот изведува инструментални, побожни и вокални форми со соодветни инструменти, а бројот на изведувачи се прилагодува според проектот. Настапуваат во Австрија и низ Европа, вклучувајќи Германија, Унгарија, Чешка и Полска, учествувале на многу меѓународни фестивали, а нивните настапи биле прикажани и на значајни телевизиски канали како ТРТ.
Публиката во Скопје ќе има ретка можност да ужива во извонреден музички спој на историја, духовност и уметничка прецизност, кои го одразуваат богатството на ориенталната музичка традиција, вели организаторот.
Настанот е поддржан од Турскиот културен центар – Институтот „Јунус Емре“ во Скопје.
Текстот Једен Ансамбл од Турција во недела во КИЦ е превземен од МАКФАКС.























