Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски попладнево на прес конференција со јавна реакција обвини за партизацијата на образованието која како што рече ја врши централната власт, а се рефлектира на најмладите во овој град.

Коњановски информира дека во Битола одземени се ингеренциите во делот на назначување на директори во 3 училишта и предупреди дека претстојат училишни протести во градот.

-Одземањето на ингеренциите на градоначалникот, истовремено со доставувањето на согласностите за вработување од страна на МОН, има единствена цел вработување на партиски кадри, блиски до централната власт. Притоа не се зема предвид квалитетот, стручноста на наставниот кадар и воспоставената комуникација со учениците, кои училиштето го доживуваат како втор дом, а со наставниците воспоставуваат посебна блискост. Најавениот бојкот на наставата во ОУ „Свети Климент Охридски“ и претходниот бојкот во ОУ „Александар Турунџев“ во Кукуречани, претставуваат само негативен пример, кој остава најголеми последици врз учениците и воспитно – образовниот процес. Апелирам, посочи Коњановски, Министерството за образование, да преземе соодветни мерки и да ги тргне партиските влијанија врз образованието, кои очигледно со оваа динамика, во периодот што доаѓа, ќе стануваат се поинтензивни.