Европската климатска служба Коперник објави дека јануари 2025 година бил најтопол во историјата, пишува „Би-Би-Си“. Претходниот месец го собори рекордот од претходната година за речиси 0,1 степен.

Според нивното истражување, главната причина за глобалното затоплување е емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, кои се предизвикани од човековата активност, пред се со согорувањето на фосилните горива. Сепак, научниците велат дека немаат целосно објаснување зошто токму овој јануари бил најтопол во историјата.

„Главната причина зошто рушиме рекорди и зошто го имаме овој повеќедецениски тренд на затоплување е тоа што го зголемуваме количеството на стакленички гасови во атмосферата. Сепак, конкретното објаснување зошто 2023, 2024 и почетокот на 2025 година беа толку топли, вклучува и други фактори. Се обидуваме точно да утврдиме кои елементи се ова“, изјави Гевин Шмит, директор на Институтот за NASA Studies.

Јануари 2025 година беше за 1,75 степени потопол од просечните јануарски температури од крајот на 19 век. На почетокот на 2024 година, глобалните температури се зголемија поради временските услови поврзани со феноменот „Ел Нињо“, кога невообичаено топлите површински води се проширија низ источниот тропски Пацифик, ослободувајќи дополнителна топлина во атмосферата.

„Да ме прашавте пред неколку месеци каков ќе биде јануари 2025 година во споредба со јануари 2024 година, ќе кажев дека ќе биде постудено. Сега знаеме дека не е, а навистина не знаеме зошто“, рече Адам Скајф, шеф на прогноза во Британската метеоролошка служба.