Македонија има Стратегија за паметна специјализација која дефинира области каде имаме потенцијал за развој. Најважен ресурс за остварување на дефинираните цели е човечкиот капитал и токму во таа насока го обликуваме образованието, да создава кадар кој е потребен во приоритетните области на стопанството. Ова денеска го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на Светскиот образовен форум што се одржува во Лондон, каде е говорник на панел дискусија за влијанието на стручното образование врз економскиот раст.

„Стратегијата за паметна специјализација нé насочува кон дигитална и зелена транзиција во областа на паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електро-машинска индустрија, и одржливи материјали и паметни згради. Во овие области е потребен стручен кадар и затоа сме фокусирани на унапредување и промоција на средното и високото стручно образование“, рече Јаневска.

Министерката информираше дека средното стручно образование во Македонија е целосно модернизирано, се применуваат модуларни наставни програми, има добро обучени наставници, а во едуцирањето на учениците учествуваат и компаниите.

„Во 2017 година воведовме концепт на дуално образование, односно учење преку работа и тој постојано се проширува. Компаниите се вклучени во развојот на практичните вештини кај младите и денес во македонските средни стручни училишта учат 70% од вкупниот број на средношколци“, рече Јаневска, потенцирајќи дека и во високото образование фокусот е насочен кон техничките науки, но дека постои простор за продлабочување на соработката помеѓу универзитетите и бизнис секторот.

Оваа година форумот е посветен на прашања поврзани со развојот на инклузивни, одговорни и отпорни образовни системи кои поттикнуваат правичен и одржлив социо-економски раст. Се дискутира и за изнаоѓање иновативни решенија на актуелни глобални предизвици, етичка употреба на современата технологија и вештачката интелигенција, за ефективни начини на воспоставување јавно-приватни партнерства и развој на меѓународната соработка.