Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, денес беше во работна посета на Граничниот премин Стар Дојран каде пренесе порака дека нашата држава се грижи, инвестира и одлучно стои на секој чекор од својата граница.

„Со отворањето на две нови ленти за гранична контрола пред 2 месеци, овозможуваме побрз и поефикасен влез и излез за над 35.000 патници неделно, од кои повеќе од 21.000 се странски државјани. Брзината е зголемена, а времето на чекање намалено за половина. Ова не е само логистика – ова е безбедност, гостопримство и државничка грижа на дело! Посебно горд сум што по долга пауза, повторно е воспоставена граничната патрола по Дојранското Езеро. Тоа е доказ дека нема да дозволиме ниту една точка од нашата граница да остане незаштитена – ниту на копно, ниту на вода“, рече Јанев при посетата.

Посетата беше и прилика директорот да изврши увид врз донираната техничка опрема и возила од страна на Сојузната германска полиција и потенцираше дека таквата поддршка ни значи многу.

„Германските партнери преку опрема, дигитални алатки и заеднички обуки ја зајакнуваат нашата Гранична полиција да биде уште поефикасна во откривање и спречување на прекуграничниот криминал. Ова е патот напред, патриотизам на дело, партнерства во пракса, безбедност за секој граѓанин и бескомпромисна борба против криминалот“, рече Јанев/Макфакс