Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, престојува во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, во рамки на која оствари билатерални средби со шефовите на полиции и високи полициски претставници од Абу Даби и Дубаи.

На средбите директорот Јанев ја истакна важноста од продлабочување на полициската соработка и размена на искуства во области каде полицијата во ОАЕ постигнува иновативни резултати во справувањето со безбедносните предизвици и гарантирањето на јавната безбедност.

Акцентот беше ставен на технолошкиот развој, дигитализацијата на полициското постапување и примената на вештачка интелигенција за унапредување на ефикасноста во секојдневните полициски операции.

„Имав можност да ја посетам „паметната полициска станица“, пример за современи ИТ решенија што ја зголемуваат транспарентноста и оптимизацијата на човечките ресурси. Со колегите од ОАЕ договоривме воспоставување директни контакт точки за соработка во разни криминални области, меѓу кои и бегалци од правда кои се наоѓаат на територијата на ОАЕ, а колегите од ОАЕ се подготвени да дадат придонес од нивното искуство во имплементација на дигитализацијата во македонската полиција, како и да отпочнеме проекти и активности поврзани со крипто и финансиски измами, организиран криминал, недозволена трговија и Е-криминал, а разговаравме и за идна размена на полициски службеници за обуки и едукации“, истакна Јанев.

Во рамки на посетата, Јанев оствари и средба со претседателот на ИНТЕРПОЛ, Ахмед Насер Ал Раиси, со кого беше разговарано за унапредување на меѓународната полициска соработка и активното учество на македонската полиција во оперативните задачи на ИНТЕРПОЛ, со акцент на важноста од вклучување во оперативните задачи на Генералниот секретаријат во лоцирање и лишување од слобода на бегалците од правдата и активностите поврзани со претстојните избори во рамки на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, за управувачките тела на Организацијата.

„Несомнено дека односите меѓу македонската и полицијата на ОАЕ се зацврстуваат и продлабочуваат, особено во делот на превенцијата, дигиталните технологии и едукацијата на човечките ресурси“, рече Јанев заклучувајќи дека оваа посета претставува нов поттик за продлабочување на партнерството и заедничкиот ангажман во градењето поцврсти темели за посовремена, поефикасна и побезбедна полициска служба во интерес на сите граѓани.

За време на посетата на Обединетите Арапски Емирати, директорот на Бирото за јавна безбедност ја посети и македонската амбасада во Абу Даби.

Текстот Јанев од ОАЕ: Ја зацврстуваме и продлабочуваме соработката меѓу македонската и полицијата на ОАЕ е превземен од МАКФАКС.