Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска остварил работна средба со заменик претседателот на Влада и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

На средбата, соопштија од МВР, било разговарано и биле посочени можни криминали во однос на Извештајот од Државниот завод за ревизија во однос на работата на Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“ за изградба на железничката пруга кон Бугарија и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), при што се дискутирале наводите од извештајот. Од страна на директорот ма БЈБ било потенцирано дека Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите неопходни дејствија согласни со нашите надлежности.

– Борбата со корупцијата и криминалот е главен приоритет на оваа Влада. Ќе се истражи целата работа и сиот можен криминал. Нема да дозволиме никој да ги краде народните пари и никој не смее да биде над законите, истакнал министерот Николоски по средбата.

На средбата се разговарало и за идната соработка и пријавување на сите сомнежи за сторени кривични дејствија. за да се стави крај на криминалот и корупцијата.

Како што стои во соопштението, директорот Јанев нагласил дека борбата против корупцијата и криминалот ќе биде неприкосновена и неселективна.