Претседателската функција, како највисока и најодговорна во државата, треба да ја врши човек со искуство во политиката, достоинствен и подготвен да не попушти под каков било притисок кога се загрозени интересите на граѓаните, оценува во интервју за МИА претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски.
На граѓаните им порачува дека како кандидат за претседател може да го тестираат како реагира на притисоци. Ветува дека ќе отвора важни прашања, не би бил противник на Владата, но дека нема да значи дека ќе биде паметно се што ќе прави владиниот кабинет. Ќе се залага за промени во делегирањето на членовите на Републичкиот судски совет, во Уставниот суд, за амбасадори професионалци, за обновување на врската со дијаспората. Сегашните геополитички околности, според него, баарат брз прием на целиот регион во Европската унија. Останува на ставот да нема промена на Уставот за влез на Бугарите се додека не се затворат сите прашања за наше зачленување во ЕУ.

Циркус и обид да се помогне на оние кои ветуваат промена на Уставот преку елиминирање на тие кои пречат најмногу во тоа и кои имаат најтврди ставови. Вака Јакимовски гледа на неговото ставање на американската „црна листа“ што се случи истовремено со потврдата на неговата претседателска кандидатура. Смета дека со таа околност во претседателската трка стартува со минус шест бода, како фудбалскиот клуб Вардар кој своевремено беше казнет да влезе во следна сезона со таков стартен резултат.
-Јас сум како Вардар стартувам со минус шест бода, се сеќавате кога Вардар го казнија да настапува на наредната фудбалска сезона со минус шест бода. Секаде во секоја држава изборите се најбитното и најчистото нешто што треба да биде. Ако имаш фер и демократски избори по сите стандарди тоа значи дека ќе имаш мирен постизборен период. Очигледно кај нас се прави циркус и обид да се помогне на оние кои ветуваат тоа што сега го зборуваат обратно, а тоа најмногу се однесува на Бугарскиот договор и на промена на Уставот за да влезат Бугарите во Уставот и на кратењето на тоа дека сме Македонци од 1944 година, дека нашиот јазик е бугарско наречје и дека сите револуционери се Бугари. Значи за да може таа групна жаба некој да ја голтне треба да се елиминираат оние кои најмногу им сметаат во таа работа и кои имаат најтврди ставови. Тоа се барањата од овие луѓе за да можат полесно да го направат предавството после изборите, вели Јакимовски.
Истакнува дека се залага за декриминализација во урбанизмот односно корупцијата да се намали со ослободување на сите функционери од каков било потпис. Од Западот, според него, ниту тоа не ни го дозволуваат, како што вели, „за да може да не имаат во раце, па кога сакаат да активираат кривични пријави, да измислуваат вакви листи, да се мешаат во изборни процеси“.























