Екипата на Манчестер Јунајтед потпиша нов договор со германскиот бренд за облека „Адидас“ кој ќе ги облекува „црвените ѓаволи“ и во следните 10 години, а од тој договор тимот од Олд Трафорд ќе инкасира 900 милиони фунти. Адидас и Манчестер Јунајтед се заедно од почетокот на сезоната 2015/2016.
Според договорот, Јунајтед ќе добива 90 милиони фунти годишно, или вкупно 900 милиони фунти, што е најскапиот договор во историјата на Премиерлигата. Претходниот договор беше на 75 милиони фунти годишно.
„Односот меѓу Манчестер Јунајтед и Адидас е еден од најстарите во светот. Темелите беа поставени во 1980 година, а во текот на изминатата деценија нашето партнерство повторно се обнови со некои од најиновативните дизајни и технологии во спортската облека“, рече извршниот директор на Јунајтед, Ричард Арнолд.